Република: Стечајците како топовско месо

Во политиката или имате силни и добро подготвени аргументи со кои ја убедувате јавноста дека вие сте тие што треба да ги водат граѓаните и државата или имате сила да ги наметнете своите аргументи на политичката сцена. Протестите на стечајците пред Владата во вторникот покажаа дека македонската опозиција во моментов, осум години откако ја загуби власта, нема ниту еден од овие два фактора, пишува Република.

Протестите на група стечајци пред Владата на Република Македонија во вторникот треба да бидат крај на една погубна политика која се покажа како неуспешна и на 24 декември 2012 година и која треба да биде заборавена од сите македонски партии. Не дека стечајците и останатите што се чувствуваат обесправени од државата треба да седат и да чекаат господ да им помогне. Тие имаат целосно право да го блокираат булеварот Илинден, да фрлаат со јајца кон зградата на Владата,  дури и да кажат по некој вулгарен збор против владините функционери.

Во демократиите како македонската, каде што партиите, а не институциите, се главни фактори во државата, сѐ е дозволено, па дури понекогаш и тоа што е забрането со закон. Тоа што не смеат да го направат и стечајците и тие што застанаа зад нив идеолошки и логистички е да продолжат да ги повторуваат старите методи што се покажаа како неуспешни. На сите што живеат во Македонија им е жал за сите што дошле до тоа дереџе да мора да се втурнат во судир со полицаец за да дојдат до парче леб. Нема човек кому не му е жал за дел од луѓето што дојдоа на протестот. Како што никому не му е жал за тие што ги оркестрираа луѓето чија задача беше да создадат контекст за собирање  политички поени.

Многу работи, освен маката на дел од обичните луѓе, се спорни во  протестот. Прво, тој беше многу наивно организиран и на него имаше премал број луѓе. Второ, како што се прашува секој нормален човек, а како што напиша на „Фејсбук“ колегата Тричковски, имаше ли некој во земјава што очекуваше дека специјалците ќе ги пуштат демонстрантите да ги урнат заштитните огради и да влезат во зградата на Владата. Па, дури и да ги пуштеа или да успеаја да влезат со сила, што ќе беше следен чекор? Да ја окупираат архивата или да одржат состанок во салата на Владата, сеедно, целата мизансцена беше креирана за да се направи инцидент кој подоцна ќе може да се прикаже како политичка криза.

Трето, барањата на стечајците се спорни и во поглед на законските и на моралните начела. Само малкумина знаат дека лидерката на стечајците, познатата Лилјана Георгиевска, била вработена во приватна фирма, која отишла во стечај, по што ја загубила работата.  По нејзината логика преточена во формално барање сите што работеле во приватни фирми што прогласиле стечај треба да добијат доживотно обесштетување од државата. Далеку од тоа дека на тие луѓе не треба да им се помогне, но ако и тие станат дел од законското решение кое предвидува бенефиции за вистинските стечајци од државните фирми, тогаш сите што во овие 23 години работеле во приватни фирми треба да добијат пари од државата. Со други зборови, доволно е да отворите  своја фирма, да ги вработите во неа најблиските пет-шест роднини и потоа да барате од  државата да ги прогласи за стечајци. И цел живот да се црпи од тенката државна каса.

Но, освен  масовност и добри аргументи, кои не беа присутни, еден од проблемите е присуството на  функционери од СДСМ, и тоа луѓе што работеле во безбедносни служби, што е само по себе контрапродуктивно и за партијата чии припадници се тие. Кире Наумов е човек кој во времето на  Бранко Црвенковски беше шеф на Агенцијата за контраразузнавање и далеку од умот е дека неговото место беше на протестите. И покрај тоа што тој е еден од ретките што директно му се  противставија на Црвенковски пред последниот конгрес на СДСМ, многумина би се заколнале дека и овој протест е организиран под будното око на неговиот некогашен шеф. Причини за тоа  има многу, а најмногу обидот да се создаде инцидент како што се случи на 24 декември кога една од очигледните цели на опозицијата беше да се создаде судир со полицијата. За жал,   организаторите на овие настани, кои и да се тие, не разбраа дека никогаш нема да имаат поддршка од сериозна група луѓе ако продолжат со спроведување на стратегијата на насилство, уривање на  власта со сила, уништување државен имот и конфликт со полицијата, која, како што видовме на  снимките, на приведените демонстранти им ги враќаше дури и капите кои им паѓаа додека се конфронтираа.Само мала споредба со состојбата во Украина, која ја споменуваа демонстрантите, ќе покаже дека таму не страдаа само капи, туку и глави.

Целиот текст прочитајте го на Република.