Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, смета дека во надминување на ситуацијата создадена меѓу Србија и Косово, Албанија може да помогне само преку директна и конструктивна комуникација меѓу институциите на Косово и премиерот Албин Курти.
Во реакцијата на социјалните мрежи во однос на проследувањето на Нацрт-документ од страна на премиерот Еди Рама до францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, Мета вели дека нема потреба од еднострани и нетранспарентни интервенции кои ја влошуваат ситуацијата, која изгледа деликатно.
„Албанската влада во никој случај не треба да зборува или да предлага политики што треба да се спроведуваат во рамките на Косово, без претходно да се консултира со премиерот и легитимните институции во Косово. Заедницата на српските општини е договор веќе прифатен од актуелната влада на Косово, а е загарантиран со договорите од Брисел и Охрид, реализиран со поддршка и преговори на Европската унија и Соединетите американски држави. Решението како ќе се постигне формирањето на ЗСО се наоѓа во почитувањето на овие договори“, пишува Мета
Додава дека косовскиот премиер Албин Курти постојано покажува !одговорност и непоколеблива волја за спроведување на Охридскиот договор“, додека кај српскиот претседател Александар Вучиќ „такво нешто не сме виделе, напротив низа негови постапки го покажаа спротивното“.
„Господинот Рама, ако сакаше да игра улога, можеше да го стори тоа, не како патрон врз Косово, туку само со барање Белград да ги потпише договорите од Брисел и Охрид и нивното спроведување, признавањето на Косово од Србија и отстапувањето од стратегијата на континуирано затегнување на ситуацијата“, наведува Мета кому петгодишниоот претседателски мандат му заврши на 24-ти јули минатата година.