Реторички речник на поими и дефиниции од  Трајко Огненовски

Издавачката куќа „Македоника литера“ ја објави книгата „Реторички речник на поими и дефиниции“ од  проф. д-р Трајко Огненовски, кој е прв ваков лексикографски труд на македонскиот јазик. Содржи повеќе од 4 000 единици од стандардниот македонски јазик, македонските дијалекти, македонската фразеологија и лексиката, третирани од реторички, комуникациски и лингвистички аспект.

– Лексиконот навлегува во реторичката сфера на македонскиот јазик со цел да им помогне на корисниците за запознавање, покрај другото, и со општите и посебните реторички особености на македонскиот јазик, како и со улогата на самиот јазик во ораторството. Меѓу поглавните грижи на составувачот му беа дефинициите што ги следат поимите и термините да бидат јасни, информативни и лесно разбирливи и врз примерите за нив (сметани за неизбежни) да се употребуваат во секојдневната комуникација. При објаснувањето на термините водена е грижа да се опфати нивната вистинска и објективна важност и значење, поради што се користени бројни лингвистички трудови, учебници, лексикони, речници од домашна и странска литература, соопшти „Македоника литера“.

Трајко Огненовски е пензиониран универзитетски професор. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје. По дипломирањето и магистрирањето бил избран за научен секретар во Друштвото за наука и уметност – Битола, а во 1995 година бил избран за доцент за македонски јазик и култура на говорот при Педагошкиот факултет – Битола, каде се пензионирал во 2004 година. Автор е на 14 самостојни научни трудови од повеќе области и на речиси 300 трудови во списанија и зборници на одржани научни средби.