Ревизија на границата подразбира спојување на Прешево кон Косово

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека „ревизија на границата со Србија“ подразбира спојување на Прешевската долина кон Косово со гаранции од САД, ЕУ и НАТО  дека Србија ќе го признае Косово.

Тој на прес-конференција во Приштина изјави дека по никоја цена не прифаќа „поделба на Косово“ и дека нема да овозможи размена на територија, туку мора да се воспостави целосна „институционална и извршна власт на целата територија, вклучувајќи го и северот”.

Ако САД, ЕУ и НАТО дадат гаранции дека Србија ќе го признае Косово, подготвен сум да потпишам договор за нормализирање на односите, кој подразбира во блиска иднина приклучување на Прешевската долина, рече Тачи.

Тој повтори дека ќе даде се од себе за да се случат корекции на границата во однос на Прешевската долина- општините Медвеѓа, Бујановац и Прешево”.

Тоа е една од моите приоритетни обврски, рече Тачи, додавајќи дека е убеден дека тоа ќе се случи.