Ревизорите му порачаа на Врховниот суд да ја осигура зградата, АКМИС системот не е осигуран!

Ревизорите препорачуваат Врховниот суд да ја осигура зградата во која е сместен, бидејќи во неа е сместен АКМИС системот кој го користат сите судови.

Врховниот суд ја зголемил ефикасноста од 2017 до 2019 година, но сѐ уште има голем број неправилности во финансиското работење. Бројот на решени предмети изнесува 63% од вкупниот број на предмети за работа и бележи тренд на зголемување имајќи предвид дека во 2017 година процентот на решени предмети изнесува 59%. Во овој период е забележан и тренд на намалување на крајот на секоја година, кој од 41% во 2017 година е намален за 4% односно во 2019 година изнесува 37%. Анализата покажува дека во Врховниот суд во најголем дел пристигнуваат и се решаваат судски предмети од Граѓанската област, а најмалку се застапени предметите од Управната област.

Ова го констатираат ревизорите по направената ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Врховниот суд за 2019 година.

Но и покрај подобрување на ефикасноста судот покажал низа неправилности во работењето. И покрај тоа што е обврзан Врховниот суд сѐ уште не донел правилник за начинот на функционирање на информатичкиот систем АКМИС, кој се применува во сите судови, не формирал ниту работно тело за управување со системот, а работи и според стар деловник за работа и без Програма за работа.

Во однос и на финансиското работење констатирано е дека при исплатата на додатоци на плата во поединечните месечни решенија за исплата на додатоците на плата, не се дава образложение за исполнетоста на условите за утврдување на правото за исплата на додатоци, како и за основот за утврдување на нивната висина.

Ревизорите утврдиле пречекорување на законскиот лимит на прекувремените часови кај судската полиција која, како што се констатира, е последица на малиот број вработени судски полицајци.

„Со правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во Врховниот суд, предвидени се шест припадници на судска полиција. Во Врховниот суд вработени се вкупно пет припадници на судска полиција, кои се на должност 24 часа, што придонесува за зголемен број прекувремени часови, со што се надминуваат 190 часа годишно по вработен, утврдени со член 117 став 2 од Законот за работни односи“, констатираат ревизорите и препорачуваат да се обезбеди доволен број на работници за да не се кршат законите.

Како пропуст во работењето ревизорите го наведуваат и тоа дека во овој Суд не се врши оценување на судските службеници и на припадниците на судската полиција што се бара со интерните акти од страна на Министерството за правда, ниту пак се врши систематско унапредување на судските службеници. За тоа не се донесени ниту правилници.

Исто така ревизорите откриле дека во судот има недоволен број на систематизирани и пополнети работни места во одделението за внатрешна ревизија при Судскиот совет, кое треба да врши ревизија на судовите и ревизија на Врховниот суд.

Во извештајот се констатира и дека во службата за информатика која го опслужува АКМИС системот од планирани 7 вработени работат само тројца што го доведува во прашање нормалното функционирање на системот.

Ревизорите забележуваат неправилности и кај модулот за пресметка на плата при автоматизираниот буџетски менаџмент систем, каде што администрирањето се врши од страна на Судскиот буџетски совет, во основицата е вклучена и вредноста на исклучителната компонента што не е во согласност со член 128 став 4 од Законот за судска служба и има влијание на расходите по основ на исплата на платата на вработените.

Во извештајот се констатира и дека парите кои се обезбедуваат од Буџетот на државата се помали од законски утврдените.

„Средствата кои се обезбедуваат од Буџетот на РСМ согласно Законот за Судскиот буџет, се утврдени во износ од најмалку 0,8% од БДП и во случај на ребаланс на Буџетот на РСМ, истите не може да се намалуваат. Одобрените средства за Судската власт со Буџетот на РСМ во 2019 година се помали од законски утврдениот процент, односно проектирани се во висина од 2,2 милијарди денари, што претставува 0,35% од БДП за 2018 година. Притоа, најголем дел од средствата (72%) е наменет за плати и надоместоци, додека значително помало е учеството на средствата за капитални расходи односно за инвестиции и развој“, се вели во извештајот на ревизорите.

Во Ревизорскиот извештај се утврдени и други системски слабости како различно уредување на права на вработените во однос на вреднувањето на минатиот труд; законските решенија во однос на додатоците на плата за судиите и вработените во судската служба; отсуството на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи и кај образецот за евидентирање на набавките под вредносните прагови.