Револтирани земјоделци ја блокираа скопската обиколница

Револтирани земјоделци денеска ја блокираа скопската обиколница поради ветените, а неисплатени оштети од Министерството за земјоделство и владата на СДСМ која со години ги лаже овие земјоделци од скопско.

„Јас сум Исени од селото Страчинци и 55 години се занимавам со земјоделие. Садиме тутун, лубеници, јагоди, но во 2016 година имавме поплави и ни исплатија 10% од штетата, а 90% ни немаат исплатено. Во 2018 повторно имавме поплави а еве веќе 2 години ни ја немаат исплатено штетата. Сме имале многу јагоди, тутун и лубеници и тие ни ги немаат исплатено и затоа сме излегле, чекаме од владата нешто да ни дадат“, вели еден од разочараните земјоделци присутни денеска на протестот.

Додаде дека земјоделците ќе продолжат со протестите се додека не им ги исплатат оштетите од поплавите.

„Сме имале и други штети но не ни имаат исплатено ништо“, вели револтираниот земјоделец.

Друг разочаран и револтиран земјоделец во изјава за медиумите вели дека власта сигурно не ни знае каде се наоѓа Сингелиќ и Арачиново.

„Овците ни ги зеде поплавата, 140 само мене ми се загубија и воопшто не се дојдени да видат а ми дадоа само еден документ кој не вреди. Да не збориме многу, бидејќи има многу за зборење, нешто ново е што со овие протести кажуваме дека не оди повеќе вака работата. Ние 20 години се мачиме и не излегуваме да се жалиме па ниту министерот сме го обвиниле за нешто. Од денес па натаму да знае дека не оди работата вака и дека не чека повеќе народот“, рече тој.

Друг земјоделец побара и две барања до власта.

„Денес сме излегле на протест, од две општини, Арачиново и Гази Баба односно земјоделците од општина Гази Баба и земјоделците од општина Арачиново. Нашите барања се игнорираат веќе две години, дури еден дел кој стигнаа за катастрофалните поплави кои се случија во 2016 година во кои имаше и жртви, владата се уште го нема исплатено делот на земјоделците, што значи штетите од земјоделските производи кои ги имале во тоа време, еден дел се платени а еден дел не. Второто барање е, штетата која се случи во 2018 година на 6 мај од градот. Општина Гази Баба и општина Арачиново имаат изготвено елаборати и проценка на штетите и ги доставиле до Владата а еве веќе 2 години, за три месеци навршуваат 2 години, се уште немаме одговор. Ќе биде денес , ќе биде за два месеци исплатата а уште нема ништо“, раскажува револтираниот земјоделец.

Тие додаваат дека последната средба ја имале во понеделникот со министерот за земјоделие, и тој таму се обидел да им ги помати сметките.

„Се работело за некој дел од законот, а тие имале предложено измена на тој дел од законот, а откако ќе биде изгласан врз база на тоа ќе се врши обесштетување. Ние никако како совет не се согласивме и побаравме итно Владата на првата седница која ќе ја одржи да донесе одлука за штетите врз база на елаборатите и проценките на штетите да се изврши исплатата бидејќи граѓаните имаат големи проблеми. Веќе почнаа да идат и извршители за средствата кои ги имаат земено земјоделците за земјоделието како што се семе и слично и тие сега веќе две години ги немаат исплатено долговите и се ризикуваат да бидат дадени на извршител за да им ги земат парите. Тоа е главното барање, под итно, пак ќе кажам и ние како организационен совет сме доставиле и писмено дека до вторник ќе чекаме одговор од владата а во спротивно ние ќе продолжиме со секојдневни протести и локациите ќе ги менуваме, може да бидат тука може да бидат пред владата или пред Собранието“, велат тие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.