Резервни опции

По осамостојувањето на Република Македонија, сите прашања поврзани со мобилизација на вооружените сили и резервниот состав беа наследени од претходната држава. Тој систем беше така создаден, изграден, извежбан, применет, навикнат и заживеан што одговараше на сите наши побарувања. Толку многу беше разработен што беше навлезен во животот и работата на вооружените сили (посебно Aрмијата како носител) и на сите цивилни структури, органи, организации и слично. Посебно ефикасен се покажа во 2001 година, по избивањето на вооружениот конфликт. Тогаш по тој терк, правила и прописи, се покажа како многу практичен и применлив облик и метод на повикување на воената резерва и вршење на мобилизација на населението и воените единици. Освен армискиот резервен состав, во 2001 година беше активиран и резервниот состав на Полицијата, кој исто така изнесе голем дел од товарот на воениот конфликт.

Но, по 2001 година, посебно во периодот по 2004 година, кога нагло и брзо се започна со реформите и трансформациите на одбранбениот и безбедносниот систем, мобилизацискиот систем во државата (или популарно наречен резервата) доживеа силни промени. Се појавија неколку теории за начинот на кој треба да се уреди тој систем, кои беа делумно прифатливи или потполно некомпатибилни за нашата држава, менталитет, уредување, геостратегија и за нашите потреби.

Сите експерти се согласни дека системот за мобилизација, т.е резервниот состав е една од најважните задачи на државата во мир. Тоа значи уредување и заживување на систем со сите ресурси за во одредена ситуација да обезбеди несметан живот и работа, односно со најмалку промени во секојдневниот живот на граѓаните. Одржувањето на резервен состав на вооружените сили е многу сериозна и чувствителна работа, која е суштински потребна за секоја држава, затоа што ги обработува сите постапки од создавањето на резервен состав (внесување во резервен состав и ажурирање на евиденцијата, структура, формација, едукација, обука и тренинг, извежбување, контрола и оценување) и допира многу гранки на животот на граѓаните и функционирањето на државата. Воениот аспект е само дел од големата слика, бидејќи тоа треба да биде терк и организација за сите прилики и околности, вклучително кризни и вонредни состојби.

Да погледнеме сега зошто, во ситуацијата во која што сме сега или пак во некоја ситуација посериозна од вонредна состојба, е многу важен резервниот состав. Постојаниот состав на Армијата и Полицијата си има однапред дефинирано и добиено задачи за кои се обучува, опремува и извежбува, и овие задачи мора да продолжат да се обавуваат дури во време на вонредна состојба. Ние во моментов имаме одреден број на потврдени случаи во АРМ и Полицијата кои се позитивни на корона вирусот, а покрај нив имаме и голем број на припадници кои се во самоизолација и во карантин, и не можат да ги извршуваат своите редовни работни задачи.

Последователно, се поставува прашањето дали ваквата ситуација ќе има отежнителен ефект врз спроведувањето на задачите на АРМ и Полицијата за поддршка на единиците на локалната самоуправа и за администрирање на полицискиот час?

Факт е дека немаме голем број на заболени припадници, но останува сомнежот и исчекувањето дали ќе има покачување на таа бројка. Да не заборавиме дека касарната „Илинден“, во која беше потврдено дека имало заразени припадници кои работат во Воениот Ресторан, е касарна со голем број на војници, и во неа се сместени сите специјални сили на АРМ („Волци“ и „Ренџери“), но и припадниците на Воената Полиција и на голем број други единици, што значи има голема фреквентност на движење низ касарната. Во ова време, кога припадниците на АРМ и Полицијата имаат голем број на задолженија и имаат насоки да вршат воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање, вршат обезбедување на личности и објекти и помагаат при обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница, се поставува едно логично прашање, а тоа е дали ќе се намали оперативноста на армиските и полициските сили, доколку голем број на припадници бидат приморани да заминат на лекување, во самоизолација или во карантин? Што ако дојдеме во ситуација кога некоја единица треба да е комплетна и да извршува комплексни и целосни задачи, а таа не е во состојба тоа да го стори? Задачите и побарувањата во денешната ситуација се непредвидливи, па може да затребаат многу повеќе луѓе отколку што располага Полицијата и Армијата.

Токму затоа, мислам дека е време да почне да се размислува во насока на планирање и подготовки за ангажирање на резервниот состав и на Армијата и на Полицијата, и резервните сили да се гледаат како потенцијална опција доколку дојде до влошување на моментната ситуација.

Автор: Александар Нацев за НетПрес