Режимот на „демократура“ – единствена сличност меѓу САД и Македонија

595
страшо ангеловски

Доволно беше да ги сфатиме сериозно зборовите на тројца луѓе искажани во средината на минатиот век за да може да ги предвидиме нештата што му се случуваат и допрва ќе му се случуваат на човештвото.

Веќе многупати цитираниот Џорџ Орвел, меѓу другото, ќе рече: „Кој го контролира минатото, ја контролира иднината; кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото“.

Канадскиот филозоф Херберт Маршал Меклуан, чие дело е меѓу темелите на проучувањето на теоријата на медиумите, а кој предлага „самите медиуми, а не нивната содржина да бидат во фокусот на проучувањето“, учење популарно сублимирано во цитатот „Медиумот е порака“ и, неговото предвидување дека со развојот на медиумите „светот ќе стане глобално село“.

И конечно, Едуардо Хјуз Галеано, уругвајски новинар, писател и романсиер, сметан за „литературен гигант на левицата од Латинска Америка“, кој ќе напише: „Живееме во свет каде што погребите се поважни од покојникот, свадбите се поважни од љубовта, а изгледот е поважен од паметот. Живееме во култура-амбалажа, која ја презира содржината“. И уште ќе рече: „Најмоќните институции, ММФ и Светската банка, ги водат три или четири држави. Останатите гледаат. Светот е организиран според воената економија и културата на војната“.

Но, сепак еден поим кој тој го воведува, а на кој подоцна американските теоретичари му даваат пошироко политиколошко значење, терминот „демократура“, е оној кој го детерминира она што денес ни се случува.

Според него, терминот „демократура“ претставува режим кој ги комбинира демократијата и диктатурата, при што станува возможно да се занемарат или да се газат интересите на мнозинството, или на значаен дел од граѓаните.

Ако тргнеме од тврдењето на Маршал Меклуан за светот како глобално село, ќе видиме дека неговите предвидувања се остваруваат и дека, полека но сигурно, згаснуваат пишаните медиуми и книгите воопшто, дека во наредните години полека ќе згаснуваат и телевизиите како медиум и дека преку интернетот секој жител на планетава ќе биде „вмрежен“ во „глобалното село“ и информациите ќе ги добива преку социјалните мрежи. Ако знаеме дека неколкумина моќници, блиски на радикалната левица, или фигуративно „силициумската долина“ има контрола над се’ што се случува на интернет мрежата, станува повеќе од јасно дека токму тие ќе ги контролираат „медиумите на иднината“ и ќе вршат цензура на се’ што не одговара на нивната и само нивна „вистина“.

Последните случувања во САД се повеќе од јасен показател дека „иднината“ пристигна и дека според Орвел, оние кои контролирајќи ја сегашноста го контролираат минатото, преку контрола на минатото ќе ја контролираат иднината. А, тие, според терминот на Галеано, се токму оние кои ја практикуваат „демократурата“ како режим веќе подолго време. Се разбира, насилно или меко увезена во редица држави, меѓу кои и Македонија, но и во самите САД како придобивка на неолибералната идеологија за целосно и непречено владеење.

Ете зошто можеше уште во ноември минатата година уредниците на некои „либерални“ и „демократски“ медиуми во САД едноставно да го прекинат директниот пренос од обраќањето на се’ уште актуелниот претседател Доналд Трамп, бидејќи замислете „процениле“ дека говорел „очигледни невистини“. А тој, како се’ уште прв човек на најмоќната држава единствено што говореше дека изборите се украдени и бараше пребројување на гласовите. Нешто сосема нормално во навистина демократско општество.

За жал, режимот на демократура во САД е пуштен на најјако, здружението на љубители на вистината „Клинтон-Обама & Компанија“, во име на „демократскиот сектор“ на САД, веќе нескриено и брутално започна со уништување на придобивките на вистинската демократија, занемарувајќи ги, или брутално погазувајќи ги интересите на мнозинството, или на значителен дел од граѓаните, оние седумдесет милиони гласачи на Доналд Трамп.

Мишел Обама, сопругата на поранешниот претседател Барак Обама, во улога на врховен „сопственик на вистината“, јавно побара трајна забрана на сите профили на Доналд Трамп на сите социјални мрежи, бидејќи според нејзе, неговите зборови претставувале наводна закана за американската демократија. И, само два дена после тоа, ова монструозно барање беше задоволено и „силициумската долина“ го затвори пристапот на претседателот на САД до социјалните мрежи.

Па така, Твитер објави дека трајно го суспендирал профилот на Трамп заради, внимавајте, „ризик од натамошно поттикнување на насилство“. Но, истовремено на пример, статусот на ајатолахот Хамнеи, објавен уште на 3 јуни 2018 година, а во кој бара уништување на Израел – цитирам: „Израел е малиген тумор во регионот на западна Азија кој мора да биде отстранет и избришан: тоа е можно и тоа ќе се случи“, се’ уште не е избришан, ниту неговиот профил е затворен.

Ова е само уште еден доказ за двојните стандарди на неолибералната методологија за владеење и доказ на зборовите на веќе споменатиот Едуардо Галеано, дека „светот е организиран според воената економија и културата на војната“. Трамп, за разлика од неговите претходници, претставници на демократурата, излезе од овие клишеа, и наместо според културата на војната, ги водеше САД според културата на мирот. Тоа, военоиндустрискиот комплекс во САД и демократурите од Клинтон-Обама друштвото не можат и, во име на „воеата економија“, не смеат да му го простат.

Токму затоа, војната против „неподобните содржини“ од светот се всели и во САД. Последиците од демократурата се симнаа од меѓународно на домашно ниво и бидејќи изборот на Трамп пред четири години, според радикалната левица, беше „системска грешка“, процесот на делегитимирање на се’што застапуваше Трамп (и што на изборите го поддржа половина Америка), ќе продолжи до крај, до целосна контрола над минатото за да на некои нови избори не дојде до некоја нова „системска грешка“. И не е неможно „демократите“ во однос на Трамп да го воведат принципот од Римската империја „damnation memoriae“, нешто што на англиски би се превело како „condemnation of memory“, а на македонски како „бришење од меморијата“, или, „нешто што не смее да остане запаметено“.

Ако на некој од вас му се случило да му биде отстранет статус од социјалните мрежи, ако привремено му бил затворен профилот, ако ја слушнавте изјавата на Владата на Заев дека ќе се врши контрола на се’ објавено во државава, ќе ви стане јасен поимот демократура и зошто е тоа единствената сличност меѓу САД и Македонија. Нормално, покрај принципот „damnation memoriae“, или „бришење од меморијата“, кој важи за Трамп, но и за македонското постоење. Ако не, препрочитајте ја „1984“ од Џорџ Орвел и се’ ќе ви стане јасно.

Зашто злото има многу подлабоки корени и многу поширока рамка. Нашите „демократурчиња“ од власта се само слуги на промоторите на широката мрежа на демократури, во име на радикалната левица и на сопствениците на „апсолутната вистина“ од истиот центар. Стоглава ламја која ја гуши вистинската демократија и му се заканува на човештвото. Подготвена на се’ во име на владеењето со светот.

Затоа, човештвото има обврска час поскоро да се обедини во битката против ова зло.

 

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.