Режисерот Славенски ќе биде погребан утре во Скопје

Посмртните останки на театарскиот и филмски режисер и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Златко Славенски ќе бидат изложени на 10.04.2019 година (среда), од 13 до 14 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот, соопштија од Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Комеморацијата ќе се одржи на 11.04.2019. (четврток), во 12 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Златко Славенски е роден на 08.08.1966 година во Скопје, каде завршува основно и средно образование. Во 1986 година се запишува на редовни студии на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за Општа и компаративна книжевност.

Во потрага по задоволување на својата потреба да се занимава со режија, во 1988 година ги прекинува студиите и оди во Велика Британија, каде во Лондон се запишува на студии по филмска режија на познатата филмска школа London International Film School (LIFS). Поради стопирање на државната стипендија (во почетната фаза на распадот на СФРЈ), во 1990 година го прекинува студирањето во Лондон и се враќа во Македонија, каде истата година се запишува на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за интермедијална режија, во класата на проф. Слободан Унковски и проф. Столе Попов, дипломирајќи во 1994 година.

Исто така, паралелно продолжува со прекинатите студии од Општа и компаративна книжевност, каде дипломира во 1993 година.

Во 1997 година му отпочнува и академската кариера, вработувајќи се на Факултетот за  драмски уметности – Скопје, како помлад асистент. Во 2016 година е избран во звање редовен професор.

М-р Златко Славенски е режисер  на голем број театарски проекти, па се до денес има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како што се „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“, „Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“, „Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“, „Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.

Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата Екран за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот Нова Македонија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Будење на пролетта, награда на весникот Нова Македонија за најдобра претстава на Фестивалот Охридско лето, за претставата Пер Гинт и многу други.

Покрај ова, неговите претстави се изведуваа во театри низ целата држава, а како режисер, во неговиот опус има и бројни корпоративни видеа.

Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“.

До крајот на овој семестар, м-р Златко Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“ и да се стекне со звање Доктор по уметности.