Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за „црвените линии“ во Собрание, СДСМ нема да гласа ако не се вметне „Северна“

94

Собранието денеска треба да продолжи со работа по 47-та седница, на чиј дневен ред е Предлог-резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачкото мнозинство најави дека нема да ја прифати резолуцијата доколку во неа не биде внесено уставното име. Во таа насока, група пратеници од мнозинството поднесоа амандман со кој во поднесената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ за националните „црвени линии“ се вметнува додавката Северна.

Од СДСМ потенцираа дека за нив суштината на резолуцијата за црвените линии со Бугарија е сосема прифатлива без било какви интервенции, но изоставањето на додавката „Северна“ во името на државата, би било кршење на Уставот.

Дека СДСМ нема да гласа за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ за разговорите со Бугарија, доколку остане со името како што е сега поднесена, најави и премиерот Зоран Заев.

– Не се работи за инает или за некаков каприц. Се работи за принцип, се работи за Уставот. Недозволиво е премиерот, владејачкото мнозинство, институциите на системот да гласаат спротивно на Уставот. Тоа испраќа порака дека го дерогираме целиот систем, изјави Заев, додавајќи Уставот е донесен и треба да се почитува.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат широка поддршка за резолуцијата, која, како што рече претседателот на партијата Христијан Мицкоски, ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но, пред сè ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.

Предлог-резолуцијата, меѓу другото, предвидува преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.

Да се почитуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет.

Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.

-Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, пишува во Предлог-резолуцијата.

Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.

Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.

Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност, стои, меѓу останатото, во предложената резолуција на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.