Ријад го запре процесот на нормализација на односите со Израел

Саудиска Арабија ги запрела разговорите за потенцијална нормализација на односите со Израел, изјавиле саудиски дипломатски извори за германската новинска агенција DPA.

Сунитската монархија ги суспендирала преговорите под покровителство на САД за нормализација на односите со Израел, поради израелското ракетирање на палетсинската енклава Појасот Газа, потврдиле изворите на агенцијата истовремено додека во Саудиска Арабија престојува американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Саудискиот престолонаследен принц Мохамед бин Салман ал-Сауд во септември потврди дека двете земји се движат кој нормализација на односите. Претходните години имаше повеќе средби во тој правец, вклучително и информацијата дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тајно престојувал во Ријад поради преговорите.

Во јануари 2022 година израелскиот претседател Исак Херцог престојуваше во својата историска прва посета на Обединетите Арпски Емирати, кога изјави дека неговата земја ја поддржува потребата на оваа земја во Персискиот залив за безбедност и дека се залага за посилни регионални врски, во моментот кога светските сили се обидуваат да го заживеат нуклеарниот договор со Иран со кој и двете земји се спротиставени.

„Секој ден сме сѐ поблиску“, изјави минатиот месец принцот бин Салман за американската телевизиска мрежа Fox News, првпат опишувајќи ги саудиско-израелските разговори како „сериозни“.

Ријад во петокот го критикуваше „присилното иселување на палестинскиот народ од Газа“, и го осуди она што го нарекува „континуирано гаѓање на изложените цивили“.

Саудиските власти реагираа откако израелската војска им порача на жителите на северот од палестинската енклава Појасот Газа да ги напуштат своите домови и да се упатат на југ од регионот, што ги поттикна страувањата дека претстои масивна копнена офанзива на израелските трупи.

До пред три години Египет и Јордан беа единствените арапски држави кои имаа воспоставени дипломатски односи со еврејската држава. Со посредство на администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, од 2020 година Израел воспостави односи со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан со ткн „Абрахамови договор“.

Саудиска Арабија која беше еден од главните поддржувачи на сириските бунтовници во војната од 2011 година, претходно годинава го појани сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига чиј домаќин беше со што Сирија беше вратена во рамките на организацијата, откакко претходно во Пекинг склучи договор за повторно нормализирање на односите со шиитски Иран кој е најсилниот регионален поддржувач на владата во Дамаск.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.