Ријад одбива да продава нафта на земји кои ќе постават плафон на цените на саудиските испораки

Ријад нема да ѝ продава нафта на која и да е земја којашто ќе се одлучи да воведе лимит на цените на саудиските испораки, порача саудискиот министер за енергетика, Абдел Азис бин Салман во интервјуто објавено во вторникот во списанието Energy Intelligence.

„Доколку извозот на саудиската нафта се најде под ограничувања, ние нема да ја продаваме на ниедна земја што ќе го наметне лимитот на цените на нашите испораки и ќе го намалиме производството. Не би бил изненаден доколку и други (земји) го сторат истото“, рече саудискиот министер.

Изјавата на министерот бин Салман се однесува на анти-картелскиот закон познат како NOPEC (No Oil Producing and Exporting Cartels Act), кој сугерира дека администрацијата на САД може да поднесе антимонополски мерки против членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нивните партнери големи независни произведувачи предводени од Русија кои ја сочинуваат ткн група OPEC+.

Според саудискиот министер усвојувањето на предлог-законот поднесен во Конгресот ќе доведе до дисбаланс на понудата и побарувачката на глобалниот нафтен пазар.

„Нацрт-законот NOPEC не ја зема предвид важноста на слободните капацитети и последиците од недостатокот на резервни капацитети за стабилноста на пазарот. NOPEC, исто така, ќе ги поткопа инвестициите во нафтената индустрија и ќе предизвика глобалната понуда да заостанува далеку зад идната побарувачка“, нагласува бин Салман.

Покрај тоа, саудискиот министер ја критикува воопшто политиката на ограничување на цените на нафтата, какво што ЕУ и земјите од Г7 наметнаа на испораките од Русија во рамките на нивните санкции поради инвазијата во Украина, бидејќи според него таквите потези предизвикуваат нестабилност на пазарите и го забавуваат развојот на индустријата.

„Принуден сум да го повторам мојот став, кој формално го искажав уште во август и септември, а тоа е дека таквата политика (на ценовни лимити) неизбежно ќе ја влоши нестабилноста и волатилноста на пазарот и негативно ќе се одрази на нафтената индустрија“, вели Саудиецот.

Принцот Абдел Азис бин Салман притоа истакнува дека алијансата OPEC+ „ги вложи сите напори и постигна успех“ да обезбеди стабилност на глобалниот енергетски пазар.