Рибери посакува да остане во Баерн Минхен

Раководството на Баерн Минхен иако објави дека Ариен Робен и Франк Рибери ја „трошат“ својата последна година кај баварците, сепак Французинот не престанува да се надева дека ќе остане во тимот, во кој е од 2007-та година.

Робен сам најави дека ќе го напушти Минхен по крајот на сезоната, но по се изгледа Рибери нема такви намери.

Спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ ги потврди на зборовите на претседателот Ули Хенес, кој рече дека ова е последна сезона во тимот за тандемот.

„Претседателот веќе зборуваше за тоа. Сметам дека така и ќе биде. Ова е година на промени”, рече Салихамиџиќ.

Веднаш потоа новинари на „Билд” го прашаа и самиот Рибери, а неговиот одговор гласеше: „Да почекаме…Се чувствувам добро, добро играм, немам проблеми. За мене е важно да уживам”.

Против Бенфика Рибери постигна гол за првпат во сезоната, а потоа се запиша и против Нирнберг. “Не е важно да постигнувам голови. Тоа би било одлично, но единственото важно е тимот да игра добро и да победуваме”, вели Рибери.

Французинот се чувствува комфорно во Минхен и има желба да продолжи да живее во баварската престолнина и по крајот на кариерата. И Салихамиџиќ призна дека Французинот може да продолжи да работи во клубот. „Можеме да зборуваме за сè. Тој обележа една цела ера во клубот. Има големи заслуги – исто како и Ариен Робен.”