ДИК е подготвен за избори

Државната изборна комисија е подготвена за одржување на претседателските избори, како и за евентуално одржување предвремени парламентарни избори, изјави за МИА денеска претседателот на Комисијата Никола Рилкоски. Според него, се поизвесно е одржување на предвремени парламентарни избори.

„ДИК ќе почека официјално да добие решение за распишување на изборите и можеби уште веднаш, а најдоцна во недела ќе одржи седница на која што ќе ги верифицираме одлуките што се однесуваат на подготовките и носењето на актите кои се во врска со одржувањето на изборите, како што се роковникот за работење, финансискиот план итн. Во секој случај ДИК уште во претходниот период се подготвуваше и мислам дека спремни ќе го дочекаме стартот на овие избори“, изјави Рилкоски.

Според сознанијата на првиот човек на ДИК се’ поизвесно е одржување предвремени парламентарни избори, а ДИК се подготвува и за тој момент.

„Доколку биде така, а според моите сознанија се поизвесно е дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори ние и за тој момент се подготвувавме. Ако предвремените парламентарни избори се одржат во вториот круг од претседателските ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите, меѓутоа и тој дел од работењето мислам дека веќе го имаме избалансирано и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите наши обврски“, изјави Рилкоски.

Во тој случај еден од најголемите проблеми би било одржувањето на молкот.

„Постои таква можност, но мислам дека ќе го пребродиме и тој дел и ќе најдеме решение и за тоа. Тоа всушност е навистина најгорливото прашање, за едните завршува молкот, а за другите почнува кампањата“, рече Рилкоски.

За избирачкиот список Рилкоски вели дека тој се прочистува, но и оти не може да каже дека е среден и колку е среден имајќи предвид дека ДИК се уште не ја презела надлежноста за него.

„Во тој дел имаме направено еден чекор понапред. На една од последните седници на ДИК донесовме заклучок и побаравме од Владата да ни овозможи целокупна изработка на избирачкиот список, дека сме спремни да ја преземеме и со вработените и со техничко-технолошкиот дел, односно софтверот, програмата итн. Прашање е сега Владата како и кога ќе одговори“, изјави претседателот на ДИК Никола Рилкоски.