Риши Сунак ќе биде новиот британски премиер

Риши Сунак подоцна во понеделникот ќе стане нов британски премиер откако другите кандидати за лидер на владејачката Конзервативна партија, препуштајќи му ја задачата да ја води длабоко поделената земја во екот на економската криза.

Ваквата разврска на случувањата ја потврди Греам Брејди, претседател на челниот одбор на конзервативците. Тој потврди дека Сунак останал единствен кандидат за функцијата, откако претседателката на Долниот дом на парламентот и поранешна британска министерка за одбрана, Пени Мордонт ја повлекла својата кандидатура, откако не добила доволна поддршка. Претходно поранешниот премиер Борис Џонсон објави дека иако го постигнал доволниот број номинации се повлекува од трката поради неможноста да се управува со земјата со длабоко поделеното парламентарно мнозинство на партијата.

Кандидатот мора да има номинација од најмалку 100 конзервативни парламентарци за да учествува на партиските избори. Доколку тоа му успее на само еден кандидат, тој тогаш автоматски станува лидер на партијата и следствено премиер.

Кралот Чарлс Трети ќе побара од Сунак, еден од најбогатите политичари во Вестминстер, да ја формира новата влада по заминувањето на Лиз Трас која беше на должноста само 44 денови, најкусо во британската историја.

Риши Сунак, кој во моментов има 42 години, ќе биде најмладиот британски премиер по 1812 година и првиот политичар од индиско потекло кој ја извршуваа оваа функција. Токму Сунак, кој ќе биде третиот премиер за помалку од два месеца, со својата оставка од министерството за финансии ја започна серијата оставки во владата којашто го принуди Џонсон да се повлече од должноста.

Сунак ќе има задача да ја обнови стабилноста на Велика Британија којашто со години веќе ја потресуваат политичките и економски превирања.

Тој е мултимилионер, поранешен на инвестициски фонд и аналитичар на американската банка „Goldman Sachs“. Неговата сопруга Акшата Мурти е ќерка на индискиот милијардер Н.Р. Нарајана Мурти, основач на технолошкиот гигант „Infosys“.