Риши Сунак во Белфаст повика на прекин на политичката блокада

Британскиот премиер Риши Сунак во средата го повтори својот повик за комплетирањето на северноирските институции, зголемувајќи го притисокот врз унионистите кои ги бојкотираат веќе една година, по повод 25-годишнината од потпишувањето на мировниот договор во оваа британската покраина.

„Ве повикувам да сторите сè за Стормонт (седиштето на локалната власт) да го оспособите за работа“, рече Сукан во во Белфаст на конференцијата организирана по повод годишнината од мировниот договор.

„Сигурен сум дека тоа е добра работа за единството на четирите нации на Обединетото Кралство. Со сето срце веруваме дека Северна Ирска е посилна во рамките на Обединетото Кралство и дека Обединетото Кралство е посилно со Северна Ирска“, рече Сунка обраќајќи им се на унионистите од Демократската унионистичка партија (DUP).

Оценувајќи ги одредбите за односите по Брегзитот како закана за британската покраина во рамките на Обединетото Кралство, пробританскиот DUP сè уште не е убеден во успехот за кој Лондон се бореше во повеќемесечните преговори со Брисел.

Унионистите ги бојкотираат северноирските институции повеќе од една година во знак на протест против последиците од Брегзитот за покраината, спречувајќи формирање на републиканско-унионистичка влада, како што е предвидено во договорот од Велики петок пред 25 години со кој беше запрено децениското крвопролевање.

На конференцијата на Универзитетот на кралицата во Белфаст по повод 25-годишнината од договорот, од многу страни се слушнаа повици да се убеди DUP да стави крај на политичката блокада.

„Денес зависи од политичките претставници на Северна Ирска да преземат иницијатива…, да ја земат историјата и судбината во свои раце“, рече ирскиот премиер Лео Варадкар.