Ристески: Власта декларативно се залага против корупција и криминал, а за први лица на Судскиот совет и Обвинителство, става луѓе од партиски штабови

-Вакви тимови на експерти од САД има во две држави, Авганистан и Македонија. Овој податок говори дека е поразително што нашата држава ја посетуваат вакви тимови од САД, рече Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисијата Топ тема на телевизија Телма.

„ВМРО-ДПМНЕ во континуитет зборува за криминал и корупција, од состојбите во РЕК Битола, набавка на вакцини, афери други во здравство, издавање на пасоши на криминалци, афера Броило… и не се најде заеднички јазик со власта за заедничка борба против корупцијата. Сега дојдовме во ситуација некој од надвор да ни доаѓа еден тн. камшикар. Вакви тимови не доаѓаат за некој портир и слично, туку корупцијата ја бараат во највисоките ешалони на власта“, кажа Ристески.

Тој укажа дека критики кон Македонија за ова поле имало и од претходната американска амбасадорка.

„Резултатите се поразителни во борбата против корупцијата и криминалот. Јасно е истакната анкетата дека само 8 проценти имаат доверба во правосудниот систем и во таква ситуација нормално е САД да испратат тимови, бидејќи е очигледно дека оваа власт не само што не се справува, туку и генерира криминал и корупција“, рече Ристески.

Тој рече дека надлежните само декларативно се залагаат за борба против корупција и криминал, бидејќи за први лица на Судскиот совет, обвинителство се бираат луѓе од партиски штабови, а не со искуство.

„Власта не признаваше дека има корупција се додека не рекоа претставниците од САД. Тие не признаваа дека има скандал и со случајот Онишченко, премиерот и министерот за внатрешни работи велеа нема ништо, но потоа го поништија државјанството. Сега треба да видат американските експерти и кој отвора фирма за фотоволтаици и тоа токму е сопругата на премиерот и формата не и е со било кој граѓанин“, укажа Ристески.