Ристо Пенов е новиот министер за локална самоуправа

Собранието денеска со 63 гласа „за“ го избра Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на 88. седница. Пенов доаѓа на министерската функција откако неговиот сопартиец и претходник Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.

Расправата за изборот на Пенов траеше три дена, а во тек на денешната дебата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека заслугите на Пенов не се „толку големи“. Пратеникот Антонио Милошоски рече дека „е нејасно зошто Курто Дудуш не е предложен за министер за локална самоуправа“.

– Можеби Ристо Пенов бил некогаш подобро запознаен со предизвиците на локалната самоуправа и проблемите со кои се соочуваат општините, но има градоначалници во овој момент кои се соочуваат со актуелните проблеми и знаат што е најсериозно потребно за локалната самоуправа да се развива. Курто Дудуш е од ЛДП кандидат и нејасно е зошто ЛДП нема доверба тој да е министер за локална самоуправа. Курто Дудуш најверојатно не е пожелен ни во ЛДП, ни во Владата да ги застапува интересите на локалната самоуправа, рече Милошоски и додаде: „Мојата препорака до премиерот и до Ристо Пенов е да се охрабрат и да им овозможат на граѓаните да изберат премиер, министер за локална самоуправа, за економија, за здравство и сѐ друго, луѓе на кои ќе им веруваат, бидејќи очигледно е дека овој тим остварува само неуспеси“.

Пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ, верува дека Пенов ќе биде на „познат терен“ во ресорот локална самоуправа и на тоа според неа може да се гледа како позитивен развој на настаните.

– Метрополата се најде во клинч меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ што ја донесе на тоа место. За жал, поради неуспешниот партиски пазар, стана јасно дека Скопје ќе се гуши во ѓубре, ниту едно дрво нема да биде засадено, јавниот сообраќај ќе остане нерешен, греењето и осветлувањата Владата ќе ги решава, а Данела и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја шират војната и во останатите општини во Градот Скопје. Од тие причини, уште повеќе го поддржувам предлогот Ристо Пенов да биде избран за министер и се согласувам со очекувањата на премиерот дека треба и врувам дека тој ќе демонстрира посветеност, работа, чесен пристап кон граѓаните и државата. Знам дека и колегите од опозицијата го делат ова мислење за Пенов, без разлика на овој перформанс наменет исклучиво за нивното гласачко тело, рече Шкријељ.

Пратеничката од ЛДП Моника Зајкова рече дека Ристо Пенов е еден од ретките политичари за кого сеќавањата во јавноста се позитивни и кој важи за политичар кој асоцира на стабилност и на искуство.

– Не е човек кој само приватизирал, туку човек што ги средил состојбите во градот Скопје. Пенов е татко на функционалноста на Скопје, новата автобуска станица, стазата на кејот, модернизација на скопскиот плоштад и ред други проекти за кои може да сведочат граѓаните, рече Зајкова.

Пратениците продолжија со втората точка на дневен ред, односно изборот на уставни судии, за што дебатата заврши и треба само да се гласа за Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева. На седницата на дневен ред, меѓу останатите, се и закони поврзани со мерките за справување со енергетската криза, како и измените на законите за здруженија и за политичките партии.