Се наоѓаме пред најважните локални избори во историјата на општина Радовиш. Избори на кои ќе одлучиме дали и следните четири години наши сограѓани ќе одат на работа во соседните општини бидејќи во Радовиш 30 години се нема изградено нова фабрика за масовно вработување. Доста е од лажни ветувања, бројки, доста е четири години да бидеме сведоци на една инкриминирана локална власт без етика, морал и совест, порача Ацо Ристов, кандидатот за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ за Радовиш на денешниот митинг.
Ристов истакна дека изборот на граѓаните треба да биде ВМРО – ДПМНЕ бидејќи има сосема поинаков пристап од оваа власт и јасно дефинирана цел за развиен, напреден, добро уреден и независен Радовиш.
Пред своите сограѓани вети нов културно – деловен центар со подземен паркинг за 200 возила, деловни простории, угостителски објекти, затворен мултифункционален атриум за 1500 луѓе, галерија и дел за домување.
Ристов во продолжение истакна дека ќе направи комплетно нов градски пазар со што ќе се реши долгогодишната мака на земјоделците и граѓаните кои до сега купуваат и продаваат производи во услови како да сме во XIX век.
„Со проектот за нов градски пазар со рекреативен центар конечно ќе се реши деценискиот проблем во Радовиш од потребата од уреден простор, каде сите радовишани ќе најдат по нешто за себе од понудените содржини. На локацијата под Канлиевата воденица на само 500м од Радовиш на површина од 10 хектари, ќе никне парк за рекреација со зеленило и урбана за најстарите, детски луна парк за најмладите и спортски терени, велосипедска патека, базен, дискотека, ресторан и ново место за рекреација и спорт за сите граѓани“, истакна Ристов.
Во делот на локалниот економски развој, Ристов истакна дека врвен приоритет е отворање на нови работни места, бидејќи само од забава не се живее.
„Со проектот ‘Развиена индустрија – развиен град’, ќе обезбедиме инфраструктура за сите потенцијални инвеститори. Ќе извршиме деблокирање на сите блокирани локации во постојните индустриски објекти.Сите слободни државни локации за изградба на објекти, во принцип едно евро за метар квадратен и замена на комуналии со можности за вработување ќе понудиме на бизнис заедницата и странските инвеститори. Ќе следува отворање на градежна експанзија на капитални проекти во кој ќе бидат вклучени сите наши градежни фирми кои работат во Радовиш. Ќе следува едукација и преквалификација на занимања за потребите на индустријата и воведување на работна пракса за средношколците, а за најмалите ќе обезбедиме бесплатен оброк за секое дете до шесто одделение’, истакна Ристов.
Ристов како свој најважен проект го посочи ,,Радовиш – енергетски независен град” , со кој радовишани нема да плаќаат улично осветлување и секој граѓанин ќе добие субвенција од 50 отсто доколку изгради фотоволтаик за сопствени потреби до 50KW за својот дом, доистражување на геотермалниот потенцијал на топлата вода во Раклиш од каде се можни проекти за затоплување и бањски туризам, како и стратешка цел за гасификација на Радовиш.