Ристовски: Низа приоритети за годинава, реформи во корист на учениците

88

Образованието е највредната инвестиција во животот, истакна министерот за образование и наука во интервју за Курир.

„Никогаш не е доволно и никогаш не е доцна да се научи нешто повеќе. Концетот на доживотно учење вродува со плод. Можностите коишто постојат денес треба да се искористат за лична надградба и просперитет, но и за поддршка и придонес кон општествено економскиот развој на државата“, е порака на министерот до сите граѓани.

За Курир тој говори за големите реформи спреоведени во 2013-тата година, но и за крупните чекори планирани за оваа година, кои македонскиот образовен систем ќе го издигнат на повисоко скалило на квалитет.

 Курир:  2013-та година ја започнавте како министер за труд и социјална политика, а ја завршивте како министер за образование и наука. Moжете ли да направите компарација на комплексноста на овие две области?

Ристовски: Не постои повеќе или помалку комплексна област. Секој ресор тангира одредена популација којашто од секоја ваша одлука очекува некоја придобивка, нешто да се подобри, да се олесни некој процес и слично. И тоа е многу голема обврска и одговорност. Неопходна е желба за работа и визија како да делувате во областите кадешто има потреба од поголема концентрација на активности, а онаму кадешто работите се солидно поставени да одржите континуитет. Се разбира, со добар тим, правилна организација и ажурност, искористувајќи ги расположливите ресури и искуствата од силните страни, сигурно ќе успеете во поставените цели.

Курир:  Што според Вас ја одбележа изминатата година на полето на образование?

Ристовски: Во 2013-та година беа спроведени неколку крупни реформски процеси, со коишто се издигна  квалитетот на македонскиот образовен систем. За прв пат се имплементираше процесот на екстерното тестирање, односно се проверуваа постигнувањата на учениците и објективноста на наставниците при оценувањето. Потоа, како пилот проект во две основни училишта во Скопје, „Браќа Миладиновци“ и „Кирил и Методиј“ се воведе меѓународната ИБ-програма со којашто целосно се отфрли класичниот начин на предавање на табла. Реакциите се позитивни, така што можно е проширување на оваа програма и во училишта во други општини во земјата. Би ги споменал и активностите за подобрувањето на образовната инфраструктура. Отворивме 5 целосно нови училишни згради во Аеродром, Вевчани, Хром, Чаир и Арачиново, шест монтажни училишта,  реконструиравме 30тина училишни објекти, изградени и отворени беа 12 училишни спортски сали, а го помогнавме и проширувањето на неколку високо образовни установи – како УИНТ во Охрид, велешкиот Технолошко-технички факултет во состав на УГД и така натаму. Посебно значајно е што потпишавме договор со Меѓународниот центар на наставни програми во состав на Кембриџ, еден од водечките универзитети во светот, за имплементација на национално ниво на нивните наставни програми и учебници по математика и природни науки, со прилагодување на националните особености. И тоа ќе биде една голема образовна привилегија за македонските ученици. Кембриџ ќе му обезбеди супериорност на македонскиот образовен систем и ќе бидеме во друштво со земјите со еден од најсовремените и најквалитетни образовни системи во светски рамки. Има и други 30тина крупни проекти на кои работевме во 2013 година, но во суштина ова се најзначајните.

 Курир: Го спомнавте екстерното тестирање. Имаше бројни реакции за негово укинување, одложување, промена на моделот и слично.  Сепак одлучивте да се имплементира онака како што беше замислено…

 Ристовски: Екстерното тестирање е една суштинска реформа, прифатена во најголем дел од земјите членки на Европската унија, преку која се  проверуваат постигнувањата на учениците и објективноста на наставниците при оценувањето. И тоа е истиот процес којшто моите преходници го најавија пред неколку години, а беше тестиран пред точно 2, период во којшто немаше ниту една забелешка, реакција, протест и слично и покрај тоа што беше најавено дека тој ќе стане составен дел од нашето образование токму во 2013-та година. Одеднаш се појавија притисоци преку негативни кампањи и активности најчесто со политичка позадина, провокација на којашто за жал, наседнаа и еден мал дел од учениците кои подоцна ја сфатија суштината на оваа реформа. Екстерното тестирање се спроведе успешно. Имаше непредвидливи ситуации, но тоа е минимално за процес кој опфаќа речиси 200.000 ученици и 14.000 наставници и професори…Сепак, не дозволивме ниеден ученик да биде оштетен, секој го доби заслуженото. Исто и наставниците. Врз основа на стекнатото искуство, но и сугестиите од СОНК со кого имаме одлична соработка, од наставниците, учениците и од родителите, создадовме систем којшто во многу е унапреден. Убеден сум дека процесот ќе стане рутински, како што беше случај и со воведувањето на државната матура.

Курир: Најавивте и измени во полагањето на државната матура. Математиката се воведува како задолжителен предмет. Не ли сметате дека и тоа може да предизвика реакции и бојкот кај учениците?

Ристовски: Математиката ќе се воведе како задолжителен екстерен предмет во учебната 2014/2015 за гимназијалците, а од 2015/2016 за матурантите во средното стручно образование. Тоа значи дека имаме период од 2, односно 3 години во којшто ќе ја адаптираме и поедноставиме материјата, ќе се промени пристапот на наставниците, а учениците ќе бидат добро подготвени. Годинава математиката ќе биде екстерен предмет, но и натаму изборен, незадолжителен. Одлучивме да и дадеме на математиката поголемо значење и поинаква перцепција, затоа што тоа е материја која, како што неодамна напоменав, малку видлива, но многу практична и ефективна во секојдневниот живот и особено значајна за младите кои се определуваат за техничките струки во кои таа е основа на многу предмети. Да потсетам дека од оваа година се воведува и концептот на е-матура, односно електронското полагање коешто беше ветено од страна на Владата и на крајот од оваа учебна година тоа ќе го реализираме.

Курир: Како ја оценувате состојбата во високото образование?

Ристовски: Ние имаме конкурентен високо образовен систем, којшто е сé повеќе отворен за македонските граѓани од сите возрасти, но и за студентите од странство кај кои интересот од година во година расте. Отворивме нови државни универзитети, факултети и дисперзирани студии, имаме одлични студиски програми коишто постојано се прошируваат и надградуваат, студии на англиски јазик, квалитетни професори од земјата и визитинг професори од надворешни универзитети, солидни инфраструктурни услови во кои исто така постојано се вложува, како во просторот, така и во опремувањето, достапност на литература од којашто се учи на врвните светски универзитети, бројни можности за стипендирање, нов закон за студентски стандард, воведена е реална, а не фиктивна практична настава за студентите и така натаму. Наша главна цел и понатаму ќе биде поврзување на високото образование со потребите на пазарот на трудот, со посебен акцент на стручното образование, затоа што тоа е реалната потреба на работодавачите, странските и домашните компании. Не велам дека сé е совршено, но затоа работиме на подобрување на состојбите во секој сегмент. На пример реконструкцијата на студентските домови ќе биде приоритет во 2014 година.

 Курир: Во светски рамки, науката забрзано оди напред. Имаме ли план за развој на македонската научно-истражувачка област?

Ристовски: Научно-истражувачката е област на којашто сé повеќе се посветува внимание. Средствата се зголемуваат паралелно со зголемувањето на буџетот на министерството, којшто од 2006 година до сега е пораснат за повеќе од 60 отсто. Јас би издвоил неколку многу важни проекти, на пример проектот за набавка на  лаборатории преку кој досега се опремени 80 лаборатории на јавните високо образовни и научни установи во различни научни и апликативни области, за што досега вложени се 1,6 милијарди денари. И тие имаат многу голема примена, ги користат студентите, бизнис секторот, конечно и граѓаните. Дополнителен стимул и поддршка на научно-истражувачката дејност е доделувањето субвенции, односно еднократни финансиски средства за објавени научно-истражувачки трудови на домашни автори во меѓународни научни списанија со фактор на влијаниe. Еден вид награда за вложениот труд и стимулација за континуитет во заложбите, но и мотивација за сите останати научни работници коишто од било какви причини во минатото не изработиле или немале можност да објават личен труд во списание со фактор на влијание. Би ја споменал и поддршката за реализација на научно-истражувачки проекти, каде досега министерството има исплатено приближно 40 милиони денари. Исто така, обезбедуваме и достапност на списанија со импакт фактор. Повеќе од 50.000 списанија, 300.000 е-книги, 100.000 биографии, над 140.000 документи, над 270.000 фотографии, мапи, знамиња и други документи им се достапни на професорите и студентите при државните универзитети. Доделуваме и творечки субвенции, воведени за прв пат во 2013 година, а наменети за уметници од областите на ликовна, драмска, музичка уметност, архитектура, филм и книжевност кои ја претставуваат Македонија на престижните светски настани. Континуирано го зајакнуваме административниот капацитет на јавните научни установи. На пример ,во 2013-та година седумте јавни научни установи добија вкупно 29 вработувања. Даваме и голема поддршка на невладиниот сектор кој се занимава со научно-истражувачка дејност. Посебно е важно тоа што неодамна ја потпишавме Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации на Западен Балкан, со што Република Македонија се приклучи кон иницијативата за зајакнување на соработката помеѓу земјите од регионот во делот на научно-истражувачката дејност, развојот и иновациите. Стратегијата предвидува бројни иницијативи и активности за  размена на идеи и искуства, сé со цел унапредување на соработката помеѓу земјите од регионот и поголеми вложувања во науката и иновациите, а предвидува буџет од 200 милиони евра. Дел од тие средства се наменети и за Република Македонија.

Курир:  Што е приоритет за 2014 година?

Ристовски:  Силно сме фокусирани на имплементацијата на Кембриџ образовниот систем, на инвестициските активности во сите сегменти, на успешно спроведување на екстерното тестирање и новиот концепт на државната матура. Се разбира, во ниту еден момент нема да го запоставиме било кој започнат и најавен проект, на пример отворање на Филмската академија во Охрид, како еден вид подружница на ФАМУ од Прага, проширување на Спортската академија преку отворање на дисперзирани паралелки во неколку општини, опремување на средните стручни училишта со лаборатории, отпочнување на реконструкција на студентските домови… Ќе продолжиме со обезбедување бесплатни учебници за сите ученици, бесплатниот превоз, советувањето на родителите и учениците кои имаат извесни проблеми при учењето или однесувањето на училиште и така натаму. Имаме буџет којшто е најголем до сега, изнесува приближно 22,4 милијарди денари и очекувам целосна реализација на планираните активности.

 Министерот Спиро Ристовски во интервјуто за Курир, на сите граѓани на Република Македонија, им ја честита новата 2014-та година и им посака многу здравје, добро расположение, среќа и успех на секое поле.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.