Ристовски: Со државниот испит ќе се унапреди квалитетот во високото образование

Единствената цел на државниот испит е унапредување на квалитетот на високото образование. Мора да инсталираме квалитетен механизам за проверка на ефектот од она што како држава сме го вложиле во идната академска заедница. Државниот испит нема да биде елиминаторен, односно секој студент ќе го полага неограничен број пати, сé додека не положи и со тоа го верификува своето, па макар и минимум академско знаење, со што ќе докаже дека дипломата е заслужена, стекната со вложен личен труд и посветено време. Министерството за образование и наука секогаш е отворено за дијалог, за дебата и за прифаќање на сугестии и забелешки со издржана основа, вели во интервју за КУРИР заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
spiro

Се чини дека не стивнуваат реакциите по однос на предлогот за воведување на државен испит во високото образование…Колку според Вас, истите се оправдани?

Реакциите се нормална појава во услови кога одредени структури со изнесување на невистинити информации поради политички мотиви, прават обиди за манипулација на студентите. Дури и на самиот почеток, кога оваа идеја беше во зародиш, паралелно во јавноста се пласираше информацијата дека измените на Законот за високо образование се веќе подготвени, а се отиде и дотаму дека истите се во собраниска процедура. Сето тоа многу набрзина им дојде на студентите, така што мислам дека беше нормално да изразат личен револт. Но, загрижува фактот што, група студенти и покрај јавно изнесените детали за оваа планирана мерка, продолжи да демонстрира деструктивност, потенцирајќи дека не прифаќа никаков предлог за заеднички придонес кон зацврстувањето на еден од општествените столбови, образованието. Од академска гледна точка тоа е неоправдан став за мерка чијашто единствената цел е унапредување на квалитетот на високото образование и која, ниту крати право на образование, ниту нарушува универзитетска автономија, ниту пак ги опфаќа сегашните студенти.

Може ли да ја запознаеме јавноста со повеќе детали околу суштината, концептот и начинот на имплементација на државниот испит?

Во изминатиот период многупати јавно говоревме дека размислуваме за новини во високото образование, со кои ќе се надополни планот на севкупните заложби и активности за градењето на национален високо образовен систем по европски стандарди. Систем кој ќе продуцира кадар за кој ќе бидеме сигурни дека поседува доволно знаења и познавања на одбраната област. А за да бидеме сигурни, мора да инсталираме и квалитетен механизам за проверка на ефектот од она што како држава сме го вложиле во идната академска заедница. Анализирајќи, се одлучивме за воведување државен испит кој практично ќе важи за идните генерации, односно студентите кои ќе започнат со студиите од следната академска година и кои согласно концептот за полагање во втора и на крајот од четврта година, прв пат ќе го полагаат некаде кон средината на 2017 година.

Во моментов првичната верзија е се уште во фаза на изработка и кога ќе биде подготвена, ќе биде понудена на јавна дискусија и дебата. При досегашната конструкција во многу ни помогна искуството на земјите од Вишеградската група, кои слободно би кажал дека се вистинска илустрација и пример за високи стандарди и квалитет кога е во прашање образованието, во глобални размери.

spiro_thumb_medium500_725

Државниот испит нема да биде елиминаторен, односно секој студент ќе го полага неограничен број пати, сé додека не положи и со тоа го верификува своето, па макар и минимум академско знаење, со што ќе докаже дека дипломата е заслужена, стекната со вложен личен труд и посветено време. Практично успехот ќе биде единствениот услов за стекнување на факултетската диплома. Сите студенти ќе се стават во рамноправна позиција. Досега, честа беше појавата некои да знаат за 10ка, а некои дури и за многу помалку од 6ка, но им конкурираа на оние првите при барање на работен ангажман, па дури успеваа и да им нанесат штета заземајќи им го работното место во некоја компанија или организација, за кое, сигурен сум дека без основно знаење, тешко може да се задржи, а камо ли да се напредува.

Полагањата ќе се спроведуваат на квартална основа, а можеби и почесто. Истите ќе бидат електронски, во посебни испитни центри, но Владата и Министерството за образование и наука нема да бидат инволвирани во целиот овој процес. Тоа ќе биде работа на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование кој е составен од универзитетски професори и кој во следниот период ќе претрпи реконструкција, извесни кадровски и структурни промени, за да може да одговори на предизвиците по однос на имплементацијата на оваа реформа. Тоа е единствениот орган кој ќе биде задолжен за оваа работа и во никој случај нема да ја наруши автономијата на високо образовните установи, која исто така, многупати во изминатиот период беше предмет на дискусија.

Прашањата ќе бидат изведени од наставните програми кои се реализираат на факултетите и истите претходно биле одобрени од Одборот за акредитација. За студентите ќе бидат однапред познати, преку јавен базен што е исто така дополнителен стимул да научат и да докажат дека знаат. Резултатот од полагањето на државниот испит ќе се изразува во бодови и тој нема да има никакви реперкусии врз просечниот успех на студентот, ниту пак ќе се рефлектира врз статусот и примањата на наставно – научниот кадар, што впрочем е и една од основните разлики во однос на екстерното тестирање, кое како термин доста често, дури и по официјалната објава дека се работи за државен испит, дел од структурите свесно и тенденциозно се уште го користат, од, на сите нам добро познати причини.

Екстерното тестирање кое кај нас постои во основните и средните училишта, има за цел да се подигне објективноста на оценувањето на наставниците, така што кај дел од нив, согласно законот направени се извесни корекции во платата којашто ќе ја добиваат од следната учебна година. Ова нема да е случај со државниот испит во високото образование.

Кога можеме да очекуваме повторна дебата со студентите, професорите и воопшто со сите засегнати страни?

Министерството за образование и наука секогаш е отворено за дијалог, за дебата и за прифаќање на сугестии и забелешки со издржана основа. Ние уште на самиот почеток кога ја изразивме решителноста дека нешто мора да се промени во високото образование, реализиравме повеќе средби со официјалните здруженија на студентите, со ректорите, деканите и професорите. И таа практика ќе продолжи и во иднина. Очекувам повторно да имаме низа средби некаде кон крајот на следниот месец, на кои ќе ги разгледаме сите добронамерни и конструктивни предлози. Се надевам на квалитетни идеи кои ќе помогнат во унапредувањето на високо образовниот систем во земјата, на што, како држава и досега посветивме големо внимание, а тоа го потврдуваат фактите за бројни досега реализирани проекти и активности во таа насока, како на пример отворањето на нови универзитети и факултети, кои значеа нови можности за студирање во земјата, набавката на лаборатории, набавката на стручна и научна литература од која се учи на најдобрите светски универзитети како Кембриџ, Оксфорд, Сорбона, Харвард, намалена партиципација за студирање, проект 30/35, бесплатна достапност на меѓународна стручна и научна литература со фактор на влијание и така натаму. Цврсто сме убедени во исправноста и на оваа мерка и се разбира, во целта која ќе ја постигне.

Во однос на основното и средното образование, актуелен е проектот за Заедничка грижа за правилно насочување на учениците. Која е причината за спроведување на истиот?

Се работи за проект, кој започна да се имплементира со почетокот на учебната 2014/2015 година и во чиј што фокус се учениците кои впрочем секогаш се и врвен приоритет во политиките на институциите на системот. Тој има за цел да придонесе кон правилното насочување и кон социо – културолошкиот развој на учениците, преку факултативна интеракција и почесто дружење со родителите и наставниците.

Проектот е конципиран врз две основни компоненти. Првенствено, во предвид е земен интересот на родителите, за кои, дружбите со нивните деца и наставниците надвор од училиштето се секогаш добредојдени, имајќи ги во предвид работните и бројните други обврски во секојдневието. Тоа е резултат на високото ниво на свесност дека посветеноста кон децата и нивната вклученост во наставните и вон-наставните активности е клучен фактор за успех во воспитно-образовниот процес на секое дете.

Втората компонента која е земена во предвид е всушност искуството и практиката, која во тој дел, веќе постои во земјите со високо развиени образовни системи, каде интеракцијата на родителите, наставниците и учениците е дел од секојдневното функционирање на училиштата, каде не се третира како посебен „проект“ и дава исклучително позитивен ефект. Како примери би ги посочил САД, Данска, Латвија, Сингапур, Канада, Шкотска каде е уредено и со закон, а форми на интеракција од ваков тип постојат и во нашите соседни земји.

Каков е досегашниот ефект од имплементацијата и кои се очекувањата?

Проектот е одлично прифатен од сите засегнати страни, затоа што сфатена е суштината дека заедничките активности во училиштето и надвор од него, преку организирање на спортски, културни, забавни и едукативни активности, барем еднаш во месецот во многу придонесуваат за јакнење на воспитната компонента на образовниот процес.

Имено, активностите ги предлагаат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, но доста често иницијативата доаѓа и од самите родители, што посебно нé радува. Истите, не се задолжителни, а се организираат за време на работната недела или пак за време на викендите, за што одлука носат училиштата, во договор со сите родители коишто прифатиле да учествуваат.

Овој проект ќе продолжи интензивно да се реализира во насока на правилното насочување на учениците, стекнувањето на нови знаења, познавања и вештини. Тие се секогаш нашиот најголем приоритет. Така ќе биде и во иднина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.