Ристовски: Според вештините на учениците, ќе се посочува средно училиште

Министерот за образование, Спиро Ристовски, денеска најави нов сет на  образовни мерки и проекти од вкупно 47, колку што се предвидени во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Во план е да се основа таканаречена „Обсерваторија на вештини”.

„Се работи за мултифункционално и мултинаменско тело за кое ќе бидат одвоени 25 милиони денари и чијашто примарна цел ќе биде анализа на адекватноста на вештините со кои располагаат средношколците во корелација со потребите на пазарот на труд, што пак, ќе помогне во континуираното подобрување на наставните програми и нивната усогласеност со барањата на компаниите. Обсерваторијата ќе биде во функција и за полуматурантите, односно, преку софтверска апликација ќе помага во нивното правилно насочување и избор на средно образование, нудејќи информации од типот – дефицитарност на одредени струки и профили; изгледи за вработување по завршување на училиштето; просечно време на чекање работа; просечна плата по занимања, региони и сектори и слично“, објасни Спировски.

Со формирањето на обсерваторијата, студентите ќе добијат платформа преку која ќе можат да аплицираат и за реализација на практична настава, односно практична работа, додека пак, од другата страна компаниите ќе можат да ги бираат практикантите со профил кој одговара на нивните потреби, оспособувајќи го за работа и вклучување во сопствената организациска структура и работни процеси.

„Проектот за набавка на интерактивни табли и 300.000 таблет компјутери за учениците од основните и средните училишта, ќе биде надополнет со воведување на дигитални содржини во наставата по определени предмети, со кои ќе се овозможи визуелна претстава за одредена наставна материја, којашто полесно ќе се запамети и подолго ќе остане во сеќавање. Се работи за практика од земјите со најразвиени образовни системи, којашто докажано го дава очекуваниот позитивен ефект. Видео материјалите ќе бидат изработувани од светски познати продукции и одобрувани од Бирото за развој на образованието“, посочи Ристовски.

Исто така, ќе се продолжи и со спроведувањето на родителската школа, односно советувањето на родителите чии деца нередовно посетуваат настава, имаат слаб успех во учењето и манифестираат разни форми на несоодветно однесување, вклучувајќи и советување на самите ученици, со цел зајакнување на воспитната компонента на образовниот процес, преку директно вклучување на родителите. За реализацијата на овој проект, во следните 2 години дополнително ќе бидат ангажирани 224 психолози и педагози за што ќе бидат вложени повеќе од 80 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.