Ризиците од пандемијата го вадат најлошото од човештвото

Жена во австралиски супермаркет, наводно, му се заканила со нож на маж при конфронтација околу тоалетна хартија. Студент од Сингапур од кинеска етничка припадност е претепан на улиците во Лондон и оставен со фрактури на лицето. Демонстранти на островот Реунион ги поздравуваат патниците од крузери со навреди и камења.

Ризиците од коронавирусот го вадат на површина најлошото во човештвото.

Изгледа не е важно тоа што снабдувањето со тоалетна хартија во Австралија е во изобилство, или тоа што луѓето од Сингапур немаат врска со вирусот и тоа дека не е заразен ниту еден патник на крузерот „Принцес“ кога беше закотвен во Реунион.

Ирационални и себични инциденти како овие се веројатно исклучок, не правило, но се чини дека менталитетот – секој сам за себе – или секое семејство, дури и секоја земја сама за себе – ја става во прашање можноста на светот да се обедини и да го забави ширењето на коронавирусот.

Лидерите на погодените држави се обидуваат да задржат некаква контрола врз ситуацијата. Тие наметнуваат рестриктивни мерки во нивните земји, вбризгуваат пари во нивните економии и ветуваат дека нивните здравствени системи некако ќе најдат дополнителни легла, лекари и медицински сестри, кои неизбежно ќе им бидат потребни.

Сепак, се чини дека постои мала координација помеѓу земјите за решавање на она што по природа е глобален предизвик.

Во цел свет се намалуваат резервите на заштитни маски, бидејќи луѓе на кои не им се потребни – ги складираат. САД прават резерви, додека Јужна Кореја, Германија и Русија, меѓу другите, забранија нивни извоз на маски, за да обезбедат дека нивниот народ ги има доволно.

Индија, која произведува 20 отсто од лековите во светот, престана да извезува одредени лекови. Да, не е во состојба да обезбеди доволно состојки од Кина и не може да го спроведе своето вообичаено производство, но веројатно е и дека ги чува за своите луѓе.

Популистите го вперуваат прстот

Оваа пандемија досега однесе повеќе од 5.000 животи, зарази над 150.000 луѓе (н.з. податоците се од моментот на објавување на текстот на Си-ен-ен) и го допре секој континент, освен Антарктикот, бидејќи ги преминува географските граници кои се политички затворени.

Европските лидери се сретнаа неколку пати и дури минатиот вторник конечно најавија координирана акција. Мерките се главно економски стимул, наместо да се осмисли многу потребниот план за да се забави ширењето на вирусот во регионот.

Постои сериозен сомнеж дали вообичаените економски алатки воопшто ќе функционираат. За време на здравствена криза, внесувањето пари во економиите не мора да значи дека луѓето и ќе ги трошат тие пари. Консументите патуваат и купуваат помалку, а во однос на снабдувањето фабриките и деловните активности се затвораат во земји како Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Италија.

Италија, земја која е најтешко погодена надвор од Кина, се пожали дека ЕУ била премногу бавна во укажувањето помош, со оглед на тоа дека очајно им требаат повеќе хируршки маски и респиратори за пациентите, за што сега се потпира на Кина дека ќе ѝ ги обезбеди.

Лидерите на ЕУ ги „искараа“ земјите членки за чување заштитни средства, како што се маски за лице, бидејќи блокот од 27 држави треба да биде обединет и да ужива во слободна трговија.

Пандемијата доаѓа во време кога светот веќе ја доведуваше во прашање глобализацијата, охрабрувајќи ги антиглобализациските аргументи и популистичките партии кои бараат поголема изолација.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во средата го оквалификува избувнувањето на епидемијата како „странски вирус“, обвинувајќи ја Европа дека не дејствувала доволно брзо, и најави остри ограничувања за патувања за повеќе од дваесетина европски земји. Во саботата, забраната беше проширена и на Велика Британија и Ирска.

Зошто луѓето можат да бидат толку себични и ирационални

Голем дел од ова – секој за себе однесување, доаѓа од тенденцијата на луѓето да им веруваат на своите чувства над фактите, начин на размислување кој е „еволутивно древен“, според Пол Словиц, психолог од Универзитетот во Орегон, кој ја проучува перцепција на ризикот.

Постојат два главни начина на размислување, објаснува тој: едниот, интуиција, заснован на чувствата, а другиот врз основа на разум, засновано на научно расудување, докази и причина. Интуитивниот режим е оној кој сега доминира, според Словиц.

– Во најраните денови, кога еволуиравме, имало многу опасности наоколу, а тие опасности биле директно искусени, тие биле закани со кои се соочувавме директно од животни или други племиња, сето тоа било многу директно и конкретно. Значи, овие реакции се засновале на чувствата, што било многу корисно, што помогнало да дејствуваме брзо и да распознаеме пријател од непријател, тогаш било ние против нив, изјави Словиц за Си-ен-ен.

– Да речеме, слушате звук од некоја грмушка, што можеби е некое опасно животно, вие не застанувате па разумски да размислите што го предизвикува звукот – дали тоа навистина е опасно животно? – вие само прифаќате дека звукот е  застрашувачки и се одалечувате од таму. Со брзи чекори. Така, нашиот опстанок зависе од тестирањето на вашите емоции и брзо однесување, кое е соодветно на тие чувства“.

Чувствата, рече тој, обично се корисни упатства што ни помагаат да донесуваме добри одлуки секој ден.
– Лесно, природно и брзо – тоа е извонредна способност во нашиот современ мозок, освен неколку работи што не ги прави добро, а една од тие работи е тоа што не соодетствува со статистиката или бројките.“

Ова се случува со тековната пандемија, рече тој, бидејќи повеќето информации добиени преку медиумите и официјалните лица се од најлошите случаи и бројки за смртни случаи. Не го примаме делот дека огромното мнозинство случаи се благи, дури и асимптоматски.

Не е изненадувачки што некои луѓе би можеле да се чувствуваат загрозено од некој кој доаѓа од Вухан, каде е најголемото жариште на вирусот, или Кина, или друга земја каде е распространет, поради начинот на кој работи умот, рече тој.

– Тоа е природена, заштитничка реакција, кој може да биде претерана и штетна за луѓето кои претставуваат навистина многу низок ризик, истакна Словиц.

– Но, тоа е емоција која треба да се смири со помош на разумот – треба да кажеме, што знаеме за веројатноста дека оваа група луѓе навистина може да ни наштети на некој начин? Која е сериозноста на тоа? Што покажуваат податоците? Што се кажува за нивото на ризик? Она што го гледаме е дека стигмата може да се појави дури и кога ризикот е многу низок, а стигмата не е оправдана.

Всушност, создавањето резерви не е секогаш ирационално

Светот сè уште не е осуден на пропаст. За сите примери на антисоцијално однесување, има примери за просоцијално дејствување.

Можеме да се чувствуваме воодушевени од докторите, медицинските сестри и други медицински лица, кои сè уште доаѓаат на работа, честопати на првите линии, ризикувајќи го сопственото здравје за поголемо добро.

Службите за чистење сè уште работат во канцелариите, возови, училиштата и негувателски домови, имајќи го својот удел во создавањето чувство на безбедност кај останатите.

Луѓето сериозно го сфаќаат миењето раце и санитизирање – продажбата на гелови за раце низ целиот свет е сведоштво за тоа – а со цел да се спречи ширењето на вирусот во локалните заедници.

И складирањето продукти можеби не е толку себично како што изгледа, според техно-социологот Зејнеп Туфекчи од Универзитетот во Северна Каролина.

„Подготовката за доаѓањето на вирусот „е една од најпросоцијалните, алтруистички работи што можете да ги направите како одговор на евентуални нарушувања од ваков вид“, напиша таа за изданието на „Сајантифик Америка“.

Таа тврди дека да се биде подготвен со намирници дома може да помогне да се спречи ширењето на вирусот, ако тоа значи дека нема потреба да излегувате во супермаркети и ако тие залихи можат да се споделат со поранливите соседи кои можеби се помалку организирани. Одржувањето добро здравје и примањето вакцина против грип ќе помогне да се задржи притисокот врз здравствените системи, рече таа.

Ова просоцијално однесување се случуваше во минатото. Втората светска војна можеби беше најлош приказ на човештвото во модерната историја, но исто така беше време кога голем дел од светот се здружи за да се бори против заедничкиот непријател.

Вклучуваше извонредно менаџирање на ресурсите и споделување информации, како помеѓу поединците така и меѓу државите. Војниците честопати биле испраќани да се борат на странски фронтови за поддршка на сојузниците, дури и во случаи кога нивните држави не биле под директна закана.

Сузан Мичи, здравствен психолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон, која е специјализирана за промени во однесувањето, вели дека повеќето луѓе се склони да постапуваат на про-социјален начин кога се соочуваат со закана, сè додека сметаат дека можат да се потпрат на владите и општеството дека снабдувањето ќе тече без проблеми и оти со секој од нив се постапува подеднакво.

– Проблемите се појавуваат кога побарувачката за здравствена заштита или храна или лекови ги надминува ресурсите, рече таа.

– Последниот пат кога во Велика Британија се почувствува ваква закана е во Втората светска војна и, всушност, луѓето беа поздрави отколку што биле долго време – имаше оброци и се дистрибуираа подеднакво за сите. Луѓето навистина вложија натчовечки напори за да им помогнат на останатите, рече таа.

„Тоа е многу добар пример за „Во ова сме сите заедно“. Тогаш се боревме против заеднички непријател и сега се бориме против заеднички непријател, со овој вирус. Треба таа идеја да ја внесеме во колективниот менталитет“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.