РК Вардар подобар од европскиот првак

Вардар со триумф од 33:27 (16:13) ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите, па во осминафиналето македонскиот шампион ќе игра со шестопласираниот тим од Група Б, екипите на Мотор Запорожје или ППД Загреб.

Вардар го надигра францускиот тим и уште од стартот прикажа доминација и убедлива игра против европскиот првак. Голем малер за тренерот Парондо беше повредата на Кристијан Дисингер уште на стартот од мечот, но тоа не се покажа како проблем за нашиот гигант.

Вардар со деветтата победа сезонава во групната фаза заврши како третопласиран во групата и со тоа ќе се соочи со шестопласираниот тим од групата Б во осминафиналето, а тоа најверојатно ќе биде ППД Загреб.

Вардар уште од самиот старт тргна фуриозно, како во нападот, така и во одбраната. Монпелје не можеше шест минути да постигне гол, а од другата страна Вардар водеше со 7:1, а потоа поведе и со 9:3. По ова следуваше највисоката предност на Вардар од 10:3, односно 11:4, по што Монпелје побара тајм-аут, па Французите успеаја да се вратат во игра. Гостите успеаја да влезат во серија па намалија на 13:10, а со разликата од три гола се замина и на полувремето (16:13).

Вардар ја одржуваше разликата од три гола разлика, по што повторно започна со фуриозен напад. Стоилов постигна два гола, Карачиќ и Кристопанс стрелаа по еднаш, по што се врати високата предност од 26:20 и со тоа избраниците на Парондо влегоа во мирен финиш и натпреварот го сведоа на рутинска завршница.

Кристопанс беше најефикасен кај Вардар со седум гола, следуваше Карачиќ со шест и Чупиќ со пет гола. Дејан Милосављев собра 13 одбрани.

Извор: Спортклуб