РКЕ: Во следните две недели да не се исклучуваат потрошувачите на струја, вода и парно поради неплатени сметки

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) им препорачува на компаниите вршители на енергетски дејности, како и на јавните претпријатија што се даватели на водни услуги кон граѓаните, во следните две недели да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и вода поради неплатени сметки.

Имајќи ја во предвид одлуката на Владата за превенција од ширење на корона вирусот и пандемијата што е прогласена од Светската здравствена организација, велат од РКЕ, со оваа препорака имаме за цел да им укажеме на компаниите и јавните претпријатија чие работење е под наша надлежност да покажат хуманост и да се воздржат од активности што би влијаеле врз здравјето на човекот.

„Во оваа вонредна состојба со Ковид-19, кога е прогласена пандемија од Светската здравствена организација и има одлука од Владата за превенција од ширење на корона вирусот, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги чувствува, пред се, одговорност, но и обврска за заштита на потрошувачите и затоа препорачува во следните две недели компаниите вршители на енергетски дејности, како и јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, да се воздржат од исклучување поради неплатени сметки“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.