Роберт О’Брајан нов советник за национална безбедност на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп го именуваше во средата новиот советник за национална незбедност Роберт О’Брајан, кој доаѓа на местото од Џон Болтон, кој беше отпуштен минатата седмица.

О’Брајан е четвртиот советник за национална безбедност на Белата куќа, откако Трамп стана претседател во 2017 година. На должноста доаѓа по Џон Болтон, Ејч Ар Макмастер и Мајкл Флин. За именувањето не е потребна согласност од Конгресот.

Роберт Си О’Брајан, мајор во резервниот состав на американската армија, досега беше специјален претставник за заложнички ситуации во Стејт департментот. Претходно служеше во администрациите на претседателите Џорџ Буш помладиот и Барак Обама.

Поранешниот претседател Буш во 2005 година го именуваше за претставник во Генералното собрание на Обединетите нации. Додека беше на должност во светската организација, соработуваше со Болтон кој тогаше беше американски амбасадор.

Во мандатите на државните секретарки Кондолиза Рајс и Хилари Клинтон, О’Брајан беше копретседател на Јавното-приватно партнерство за реформа на правосудството во Авганистан.

Трамп претходно во септември неочекувано го отпушти Болтон поради несогласувања по прашањата во врска со Авганистан, Северна Кореја, Иран и Русија, при што Болтон имаше значително поостри ставови од претседателот на САД.