Роберт Спано, претседателот на ЕСЧП, доаѓа во Скопје

67

Претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано, доаѓа во посета на земјава за да земе учество на регионалната конференција од висок профил на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“, којашто ќе се одржи во Скопје на 5 ноември.

Како што соопшти Министерството за правда, на конференцијата предвидено е учествуво на претставници од Владата на Република Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права, судските и јавнообвинителските институции од земјите на Западен Балкан, како и академската заедница.

Конференцијата е организирана од Програмата за Западен Балкан на Центарот AIRE во соработка со Регионалната Антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за правда. Таа е дел од проектот „Борба против корупцијата и организираниот криминал во Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка за поврат на имот“ поддржана од Владата на Велика Британија.

Повратот на имот, како што стои во соопштението од Министерството за правда, е една од клучните антикорупциски мерки кои бараат зајакнување на законодавната рамка, институционалниот капацитет и регионалната соработка во Западен Балкан.

За време на неколкудневниот престој на судијата Спано на Северна Македонија ќе остари средба со министерот за правда Бојан Маричиќ кој е негов домаќин, дел од државниот врв и првите луѓе на правосудството.

Министерството за правда, како што е наведено во соопштението, посвети посебно внимание на судската пракса на ЕСЧП, преку анализа и вградување на највисоките стандарди при изработката на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кој моментално е во собраниска процедура, а се однесуваат на конфискацијата и тортурата, како и при изработката на измените и дополнувањата на Законот за кривичната постапка, кои се во тек. Воедно, посебно внимание заслужува и новиот предлог Закон за Канцеларијата за поврат на имот, кој е подготвен и е доставен на мислење до сите надлежни институции.

На отворањето на Конференција ќе се обратат програмскиот директор за Западен Балкан во AIRE Центарот, Билјана Брајтвејт, заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за борба против корупцијата и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за правда на Република Северна Македонија Бојан Маричиќ, амбасадорката на Обединетото Кралство во Скопје, Рејчел Галовеј, претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми и раководителката на Секретаријатот на РАИ, Десислава Готскова.

Отворањето ќе биде проследено со главниот говор на судијата Роберт Спано, претседател на Европскиот суд за човекови права.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.