Рочиштето за случајот „ТНТ“ одложено, по сведочењето на докторката дека Трајковски не може да присуствува

Невропсихијатарот Викторија Вујовиќ, зад затворена врата, на рочиштето во понеелникот во случајот „ТНТ” ја образложи здравствената состојба на обвинетиот Тони Трајковски, бидејќи таа му дала боледување.

Јавноста не можеше да го следи произнесувањето на докторката, поради зачувување на приватноста на нејзиниот пациент.

Трајковски не се појави на судењето, а неговиот адвокат Јовица Страшевски истакна дека добил известување дека на 15-ти јанари, по последното рочиште, бил на лекар и има известување дека не смее да присуствува на рочиште за подобрување на здравствена состојба.

„По кажување на докторот станува збор за кратко боледување  од десетина дена“, рече судијата Огнен Ставрев и објави дека рочиштето за „ТНТ“ е одложено за 6-ти февруари.

Во изјава за медиумите, Страшевски изјави дека болеста на Трајковски е од времен карактер и дека му треба десет до петнаесет дена да одмора и да закрепне.

Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски, обвинети се и Миле Јанакиески и екс премиерот Никола Груевски.