Рочиштето за „Титаник“ се одложува, еден од обвинетите имал операција

Денешното рочиште за случајот „Титаник“ се одложува, бидејќи еден од обвинетите неодамна имал операција, поради што не може да присуствува на рочиштето во Кривичниот суд.

Ја информираме јавноста дека заради отсуство на еден од обвинетите кој до судот доставил документација дека врз него е извршен оперативен зафат и истиот привремено нема да може да присуствува на судењето заради здравствени причини, главната расправа за предметот насрочена за денеска 13.05.2019 година се одлага за што се известени и странките во постапката, информираат од Кривичниот суд.

Во „Титаник“, обвинети се дваесетина, меѓу кои и екс премиерот и бегалец Никола Груевски, екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, како и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски и уште неколкумина.

Според обвинението на СЈО обвинетите се гонат за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.