Рочиштето за „Топлик“ одложено за крајот на јануари

Судењето за предметот „Топлик“, во кој е обвинет поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во четврокот беше одложено.

Како причини се наведуваат сомнителната прераспределба на судиите, а истовремено, и двајцата адвокати на Јанакиески денеска се ангажирани и во случајот „Труст“ и не се во можност да дојдат на судењето за „Топлик“.

Јанакиески се појави на судот, но таму беше информиран дека рочиште денеска нема да има. Судењето е одложено за на 30-ти јануари 2018 година.

Поради зафатеноста на големата судница во Кривичниот суд во која се суди случајот „Труст“, Јанакиески беше повикан во мала судница, во којашто нема услови за снимање на судскиот процес од страна на судот.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова ѝ предложи на судијката Татјана Михајлова да го започне со 15-ти јануари и за секој датум поединечно да ги прашува обвинетите и адвокатите кој кога може да присуствува.

Со новиот годишен распоред за 2018 година, што го направи новиот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев, судијката Михајлова од одделението за кривична материја е распределена во одделот за прекршоци, па најверојатно во јануари предметот „Топлик“ ќе биде прераспределен кај друг судија.

За предметот на Специјалното јавно обвинителсво (СЈО) под назив „Топлик“, осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште.
.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.