Родителите на Петар, момчето кое стана вирално за неколку часа – побараа видеото да се избрише од социјалните мрежи

1264

Симпатично видео на кое момче по име Петар со целата своја детска искреност и наивност раскажува дека не сака да јаде грашок кога оди на планинарење, ја расположи и ја освои јавноста вчера.

Видео клипот за многу кратко време се прошири на социјалните мрежи и достигна голема гледаност, но сепак, и покрај позитивната енергија која ја пренесе, ,,Фокус” дознава дека родителите на Петар не сакале истото да се споделува.

Наша позната водителка и инфлуенсерка која како и илјадници други граѓани го споделила видеото на својот социјален профил, раскажа дека мајката на момчето ја контактирала и побарала од неа да ја тргне објавата.

-Мајката побара да го тргнам видеото, бидејќи, како што вели, сепак е дете. Ја испочитував и го тргнав, таа е негова мајка, но во секој случај видеото има многу споделувања, се објави и во повеќе потрали – ни кажа таа.

Инаку, неофицијално, видеото прв го објавил другар на таткото на момчето, по што започнало преземањето од оние кои сметале дека е интересно и забавно, и кои генерално, без лоша намера, не ни помислиле дека евентуално треба да се добие согласност од родители, за да се споделува видео клип со дете.

На социјалните мрежи веќе започнаа и полемиките околу тоа дали јавноста смеела да го споделува видеото, дали и какви штети тоа може да предизвика, односно дали може да иницира сајбер – булинг и да влијае негативно врз момчето.

Иако во помал број, но актуелни се и коментари околу тоа дали дете кое наоѓа замерки на понудената храна е разгалено, со што се испоставува дека момчето сепак, иако не по своја вина, се најде на мета на невкусни коментари и критики, и прашање е како тоа може да влијае врз неговата детска психа.

Со цел да го дознаеме ставот на родителите по повод објавувањето и масовното споделување на видеото со нивното дете, „Фокус“ ја контактирал мајката, но до објавата на веста таа не одговорила на нивнитепрашања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.