Родителите во недоумие, Филипче веќе призна дека вакцините не се најквалитетни

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера прогласи епидемија од морбили на цело подрачје на градот Скопје и предложи мерки за населението како да се заштити ширењето на ова исклучително опасно заболување, од кое луѓето можат да се заштитат со вакцинација.

Повикувајќи се на Законот за заштита на населението од заразни болести, членовите 56 и 57, стапува на сила времена мерка забрана за носење на сите невакцинирани деца од МРП вакцината во сите градинки на подрачјето на град Скопје.

Родителите се во недоумие и паника. Оние кои ги носат на вакцинирање своите деца за останатите вакцини, по совет од доктори одлучиле да почекаат за МРП. Најголем дел од педијатрите советуваат оваа вакцина да се прими кога детето целосно ќе прооди и прозбори. Но, сега се ставени пред свршен чин.

Децата на најмала возраст кои не се вакцинирани, нема да бидат примени во градинките, а родителите кои се во работен однос се буквално приморани да ги носат на вакцинација, против своја волја, бидејќи нема кој да им ги чува.

Министерот Филипче апелира родителите да ги вакцинираат своите деца, но тој е директен виновник што кај огромен број на родители се створи недоверба за квалитетот на вакцините.

Имено, пред референдумот за промена на уставното име на Република Македонија, токму Филипче сакајќи да собере поени за политичката партија која му даде функција, истакна дека дури откако ќе влеземе во ЕУ, ќе имаме најквалитетни вакцини. Ова беше чисто признание на министерот за здравство дека вакцините во Македонија не се најквалитетни.

Тој повика да се гласа ЗА промена на уставното име на земјава, на референдум, а како причина за тоа  сервира каква придобивка би имале.

„Најквалитетни вакцини за сите наши деца“!

Членството во ЕУ значи подобри здравствени услуги за сите, а за нашите деца значи најквалитетни вакцини.  Пред нова вакцина да биде одобрена на пазарот, поминува низ строга регулаторна постапка за проценка на квалитетот, ефикасноста и безбедноста, напиша министерот на Фејсбук.

 

Откако стана мета на остри критики од страна на јавноста и медиумите, министерот се обиде да се оправда, исто така на својот Фејсбук профил, но ниту почувствува потреба за извинување, ниту за детално објаснување.

Моментално во потполност се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европската унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Со членството во ЕУ обезбедуваме нови вакцини во Календарот за имунизација кои ќе бидат со највисок квалитет, напиша Филипче во август годинава.