10.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Родната куќа на Хитлер ќе нема веќе нацистички обележја

Сите нацистички обележја ќе бидат отстранети од куќата на Адолф Хитлер во Австрија за да престанат да привлекуваат екстремисти, објави денеска министерот за внатрешни работи Карл Нехамер.

Куќата во градот Браунау ќе биде претворена во полициска станица, рече Нехамер на прес-конференција.

„Полицијата е чувар на основните права и слободи“, изјави тој.

Трикатната зграда во центарот на Браунау привлекува неонацисти уште од 1950-тите.

Министерството за внатрешни работи им нареди на историчарите и политиколозите да го решат овој проблем.

„Резултат е да се неутрализира целата локација“, изјави висок функционер на министерството, Херман Фејнер.

За да се постигне ова, архитектите на компанијата ,,Марте” суптилно ќе ги отстранат промените што се случиле за време на нацистичкото владеење, кога приземјето добило форма на тврдина, а покривите и прозорците биле преработени.

Постојат планови да се отстрани спомен обележјето пред куќата што го негира фашизмот и најверојатно ќе биде преместен во музеј, изјави Фејнер.

Германскиот диктатор Хитлер (1889-1945) ги поминал првите месеци од својот живот во таа зграда, која подоцна ја купила Национал социјалистичката партија.

На крајот на Втората светска војна, куќата им била вратена на приватни сопственици, а нејзините простории биле користени за училиште и работилници за лица со посебни потреби.

Австрија одлучи да ја конфискува во 2017 година, бидејќи сопственикот не се согласил на договор за тоа како да се користи имотот во иднина.

Редизајнирањето на куќата треба да биде завршено на почетокот на 2023 година.