Роднините на обвинетите во „Монструм“ најавија протест

Роднините на обвинетите во случајот „Монструм“ не се задоволни од изречените пресуди и најавија дека в петок ќе излезат на улица и ќе протестираат. Тие истакнаа дека ќе се борат со сите расположливи средства и дека ова е еден вид војна.

– Ова не е правна држава и нема правен систем. Најавувам протести и ги повикувам челниците на државата да протестираат како што ние протестиравме за правниот систем да се регулира. Тоа не се случи и барам од политичките партии кои го поддржуваат чинот да се повлечат и да се дистанцираат од оваа одлука и тие да ни се придржат. Ќе протестираме во петок и ова е еден вид на војна. Тука сме и ќе се бориме – рече Бедри Ајдари, роднина на еден од обвинетите.

Според роднините на обвинетите, како и нивните адвокати, пресудата којашто обвинителката Фатиме Фета ја побарала во завршниот збор пред судот, денес била изречена исто како што била побарана. Роднините обвинуваат дека се работи за договор помеѓу Судот и обвинителите и дека според нив, ова не е правна држава.

Денес судот за случајот „Монструм“ изрече три доживотни казни затвор, една во траење од 15 години и една од 9 години затвор.