„Ролекс“ на британски заробеник од Втората светска војна продаден за речиси 190.000 долари

Часовник од луксузниот бренд „Rolex“, кој го носел британски затвореник во текот на ткн „Големото бегство“ од нацистички логор за воени заробеници „Сталаг Луфт 3“, е продаден за 189.000 долари оваа седмица на аукција во Њујорк.

Конечната цена за часовникот, продаден на анонимен купувач, била пониска од 200.000 долари, иако аукциската куќа Christie’s очекувала да достигне сума од 400.000 долари.

Војникот Џералд Ајмесон го носел тој часовник ноќта на 24-ти март 1944 година, кога група сојузнички војници побегнала од заробеништво, што беше тема на филмот од 1963 година во кој глумеше славниот актер Стив Мекквин.

Ајмесон го нарачал часовникот од компанијата „Rolex“ од Швајцарија, којашто преку Црвениот крст му го испратила во нацистичкиот концентрационен логор во близина на полскиот град Заган, се наведува во најавата на Christie’s.

Челичниот часовник со црн бројчаник и светлечки стрелки бил „клучен во планирањето и извршувањето“ на нивниот подвиг за слобода, додава аукциската куќа. Веруваат дека часовникот на Ајмесон помогнал да се пресмета времето потребно затворениците да ползат преку тунелите користени при бегствтоо, но и да се мери времето на патролата на логорската стража.

Ајмесон го носел својот часовник од моделот „Oyster Chronograph“ додека како 172-ри во редот чекал да побегне, додаваат од Christie’s.

Во планот учествувале 200 затвореници, од кои 76 накусо успеале да побегнат. Ајмесон не бил еден од нив. Сите, освен тројца, биле фатени а 50 биле стрелани.

Ајмесон е ослободен од друг логор за воени заробеници на крајот од војната во 1945 година. Го носел часовникот до својата смрт во 2003 година на 85-годишна возраст. Истиот часовник првпат е понуден на аукција во Велика Британија во 2013 година.

Часовникот бил продаден со повеќе други предмети, меѓу кои и свирче на Британското воено воздухопловство и членска легитимација на клубот „Goldfish“, во кој членувале пилоти и екипажи кои се урнале во море и преживеале.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.