Рома и Лацио ги ‘скршија стативите’ и ги поделија бодовите, гостински победи на Торино и Интер

ANSA/CLAUDIO PERI

Во големото римско дерби кое годинава се одигра веќе во второто коло од италијанското фудбалско првенство, Лацио и Рома одиграа 1:1.

Рома како гостин поведе со голот на Александар Коларов во 17 минута, а Лацио израмни во 58 минута преку Луис Алберто. Ова беше едно од поинтетресните римски дербија последните години, во кое во првите половина час играчите на Лацио трипати ја погаѓаа рамката од противничкиот гол, а Рома двапати.

Ова е второ реми за Рома во првите две кола, додека Лацио има една победа.

Еден од претендентите на титулата оваа сезона, милански Интер оствари тешка победа на гостувањето кај Калјари, извојувана со гол од пенал и проверка на ВАР-от.

Гостите дојдоа во водство во 28 минута кога противничката мрежа ја погоди Лаутаро Мартинез. Погодокот прво беше поништен поради офсајд позиција, но по прегледување на снимката, судиската одлука на главниот арбитар Маурицио Мариани беше променета. Калјари израмни на стартот од второто полувреме, во 51 минута кога на нафрлена топка во шеснаесетникот на Интер највисоко скокна Жоао Педро, а „нераѕурите“ по досудениот пенал во 73 минута дојдоа до трите бода со екгзекуцијата на Ромелу Лукаку.

Интер е во водсто со шест бодови, колку што имаат и двата торински клуба Јувентус и Торино, а Калјари по двата почетни пораза е без бодови на 18-то место.

Торино одигра одличен меч со пресврти на гости кај Аталанта и успеа да дојде до вторта победа во новата сезона. Откако гостите поведоа во 25 минута преку Кевин Бонифаци, домашните направија пресврт со двата погодока на Дуван Запата во 39 и 55 минута. Но нецели три минути по водечкиот гол на Аталанта, Алекс Беренгуер го израмни резултатот, а Армандо Ицо во 67 минута ги однесе трите бода во Торино.

Торино е трет со шест бодови, а Аталанта остана на трите бода освоени во првото коло и е 11-та.

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски првпат сезонава беше во почетната постава на неговиот нов клуб Удинезе и одигра 70 минути во поразот на домашен терен против Парма. Клубот од Удине поведе во 18 минута со голот на Кевин Ласања, но во претпоследната минута од првото полувреме израмни Жервињо. Во вториот дел Парма постигна два погодока за победата, а стрелци беа Рокардо Гаџоло во 60 и Роберто Инглезе во 76 минута.

Удинезе благодарејќи на гостинската победа во првото коло има три бода и е 14-ти, а Парма слично по воведниот домашен пораз на гости ги освои првите бодови е деветта.

Капитенот на македонската селекција Горан Пандев повторно имаше само епизодна улога и ги одигра завршните пет минути во домашната победа на Џенова од 2:1 против Фиорентина. Џенова поведе во 12 минута со голот на Крстијан Запата а водството го удвои во 66 минута Кристијан Куаме, додека за Фиорентина од пенал во 77 минута намали Ерик Пулгар.

Џенова по старното реми сега има четири бодови и е на 5-то место на табелата, додека Фиорентина е 16-та во групата екипи кои првите бодови во новата сезона ќе ги бараат дури во третото коло.

Сасуоло со „хет-трикот“ на Доменико Берарди ја извојува највисоката победа ова коло од 4:1 над Сампдорија. Берарди беше прецизен во 30, 37 и во 44 минута најавувајќи голема победа на домашните, која се наѕираше на самиот почетокот од второто полувреме кога на 4:0 зголеми во 48 минута Хамед Траоре Џуниор. Почесниот погодок за гостите го постигна ветеранот Фабио Квараљера во 68 минуте од пенал.

Сасуоло е на 8-то место во групата екипи со три бода, додека Сампродија е последна 20-та без бодови и со гол разлика 1:7.

Верона со голот на Матео Песина во 82 минута постигна успех на гостувањето кај Лече кое со гостински и домашен пораз е на претпоследното 19-то место, а Верона по домашното реми во првото коло сега има четири бодови и е 7-ма.

Во саботата во големото драматично дерби Јувентус со 4:3 го победи Наполи, а Милан со 1:0 ја доби Бреша, додека во петокот со истиот резултат Болоња го победи СПАЛ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.