Ромалитико: Една изборна единица е чекор кон демократизација на општеството

На 1ви јуни 2022 година во Holiday Inn Скопје се одржа конференција на тема “Една изборна единица“. Настанот беше организиран од страна на Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико и Либералниот Институт Скопје. На панел дискусијата присуствуваа експерти, пратеници и претставници на политички партии.

Елвис Шаќири од Ромалитико истакна дека “една изборна единица е чекор кон демократизација на општеството и ќе овозможи правична застапеност на сите граѓани во државата. Значајно е да нема изборен праг и да има отворени листи”.

Иван Дургутов од Либералниот Институт наведе дека “е потребна вистинска реферма наместо досегашната деформа на изборното законодавство – посоодветен изборен модел носи и поголемо учество на граѓаните во изборниот процес”.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик кои се однесуваат на воведување на една изборна единица, поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии веќе се во собраниска процедура, со што доколку се усвојат, територијата на државата ќе се обликува во една изборна единица со отсуство на изборен праг.

Ова беше главната водилка на вчерашните дискусии, низ кои панелистите со различна позадина го споделија своето видување на темата. Овој модел треба да им овозможи на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, полесно да го остварат своето право на претставување. Со сегашното законско решение, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и тие, честопати, не успеваат да обезбедат доволно гласови за да добијат пратеник во македонското собрание без притоа да имаат потреба од предизборно коалицирање.

Како интересен за анализа се наведе податокот за тоа што во шестата изборна единица, пратеник сега се станува со околу 6.000 илјади гласови, а во други изборни единици на еден пратеник му требаат и по 10.000 гласови. Некои од констатираните нелогичности се и дека сегашниот модел има противречност од калибарот на тоа дека на една иста улица, граѓаните кои живеаат од едната страна на таа улица гласаат во една изборна единица, а останатите во друга.

Во државата, на парламентарните избори моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со овој модел мали се шансите помалите политички партии, кои и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, да осигураат пратеничко место.

Потребите од целисходни реформи на изборното законодавство се нужни, а токму моменталниот период кога земјата не се наоѓа во предизборна атмосфера е вистинскиот период за да се отвори толку потребната широка дебата и да се премине кон создавање на поправичен изборен модел кој нема да ги фаворизира поголемите политички партии. Еден граѓанин, еден глас, секој граѓанин – еднакво претставен, време е за вистинско преточување на овој демократски слоган во нашата парламентарна реалност.