Романија денеска, а Литванија утре ќе го ратификуваат Протоколот за НАТО

Парламентот на Романија денеска на пленарна седница треба да го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На седницата ќе присуствува и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој од вчера престојува во работна посета на Романија.

Џафери од Букурешт заминува за Вилнус каде што утре ќе присуствува на ратификацијата на Протоколот и во Сејмот на Литванија. Предвидено е претседателот на Собранието на Северна Македонија да има и обраќање пред пратениците во литванскиот Парламент.

Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји-членки на Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

Протоколот досега го ратификуваа шест земји членки на НАТО. Прва тоа го стори Грција, а по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.