Романот „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска добитник на годинешното Рациново признание

412

Стручната комисија за доделување на наградата „Рациново признание” за 2017 година во состав Владимир Јанковски, писател и минатогодишен лауреат во својство на претседател, Сашо Димоски, писател и минатогодишен лауреат во својство на член и проф. д-р. Марија Ѓоргиева Димова, во својство на член, по прочитот и анализата на сите 20 прозни дела од официјалната конкуренција за наградата, едногласно одлучи наградата „Рациново признание” за најдобра прозна книга која е иновација во форма, структура и содржина и која ја одбележала годината помеѓу две Рацинови средби да и ја додели на Ана Стојаноска за романот „Јас и Лин, отпосле” во издание на „Блесок”.

kniga sotjanoska

Во обрзложението на одлуката за наградата се вели: „Јас и Лин, отпосле” изобилува со бројни интертекстуални постапки како роман во роман, текстови во текст, интертекстуални референции кон различни книжевни и филмски текстови. Се тоа резултира со конструирањето сложена наративна целина, втемелена врз ахронолошка приказна реминесцентна нарација и колажно – монтажна сижејна конструкција. Важна карактеристика на романот претставува и автореференцијалната рамка сочинета од коментари на нараторот врз текстот што се создава, врз пишувањето и врз уметноста воопшто.

Ана Стојаноска е дипломец на Општа и компаративна книжевност. Магистрирала и докторирала театрологија. Професор е на Факултетот за драмски уметности во Скопје и припаѓа на помладата генерација добитници на оваа престижна награда.

Наградата „Рациново признание” се состои од плакета и паричен износ во висина од 60.000 денари кои на Ана Стојаноска ќе и бидат доделени на свеченото затворање на 54-тите „Рацинови средби” на 10 јуни во Велес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.