Романската министерка за образование сменета поради недоличен коментар за смртта на тинејџерка

Романската министерка за образование Екатерина Андронеску

Романската премиерка Виорица Данчила ја смени министерката за образование Екатерина Андронеску поради „длабоко погрешните“ коментари за грабнувањето и смртта на 15-годишната тинејџерка, пренесуваат во саботата светските агенции.

Петнаесетгодишната Александра Макешану беше грабната минатата среда во јужниот град Каракалу, западно од престолнината Букурешт. Нејзиното семејство во саботата објави дека анализата на ДНК од коските покажува дека е убиена. Шеесет и петгодишен механичар ги призна убиството на Александра, како и на уште една 18-годишна девојка исчезната во април годинава.

Романската јавност остро реагираше откако се дозна дека Макешану дури трипати го повикала европскиот број за итни случаи (112), кажувајќи дека е грабната од маж додека стопирала за да се врати во своето родно село од блискиот град Каракала. Но нејзиното јавување очигледно не било сериозно сфатено од надлежните служби.

Коментирајќи го овој случај, министерката за образование Екатерина Андронеску во телевизиско гостивање изјавила дека дома научила „да не влегува во автомобил со туѓинци“.

Премиерката Виорица Данчила рече дека коментарот на Андронеску покажива „недостиг од разбирање“. На Facebook напиша дека станува збор за неодговорна изјава, а Андронеску се бранеше дека не сакала да ја обвини жртвата или нејзините родители.

Министерката за образование е последнтиот владин функционер кој е отстранет од позицијата поради случајот кој предизвика згрозување на целото романско општество и масовни улични протести. Шефот на полицијата Иоан Буда, беше сменет, а министерот за внатрешни работи Николае Мога си поднесе оставка.

Меѓутоа, критичарите на власта бараат уште чистки поради несоодветната и ненавремена реакција на трите повици за помош на Александра. Полицијата, имено, чекаше 19 часа за да го пребара имотот на кој грабнувачот ја држел.

Нејзиниот вујко во вторникот ги објави транскриптитите од повиците на девојчето до итната служба 112. Во еден од нив Александра ги моли службеникот „ве молам останете на линија, многу се плашам“, а тој и одговара дека е зафатен со други повици.

Романскиот претседател Клаус Јоханис претходно седмицава рече дека безбедносните служби се недоволно платени, со мал капацитет и слабо обучени.