Романски функционер на Црвниот крст се изложи на коронавирусот за да ја покаже бесмисленоста на мерките

Потпретседателот на романскиот Црвен крст, Виорел Катарама, е под истрага бидејќи намерно се изложичл на ризик од зараза со коронавирусот за да ја докаже бесмисленоста на рестриктивните мерки воведени во земјата.

Катарама во градот Барбулешти прегрнал лице кај кое била потврдена болеста Covid-19, со што ги прекршил правилата за контрола на ширењето на епидемијата на коронавирусот, објави во саботата канцеларијата на романскиот државен обвинител.

Шеесет и петгодишниот Виорел Катарама со овој гест сакал да докаже дека мерките за социјално дистанцирање се непотребни и дека само предизвикуваат економски штети.

„Длабоко сум уверен дека ништо нема да ми се случи“, објави на Facebook по настанот Катарама.

Додава дека сакал да докаже дека „.. голема грешка е да се доведе Романија до банкрот и да се укинат нашите темелни права и слободи“. „Порано или подоцна, оние коишто се виновни ќе мора да одговараат за ова“, додава високиот функционер на романскиот Црвен крст.

Засега нема информации каква е здравствената состојба на Катарама. Но националниот Црвен крст и сопругата на овој романски деловен човек, којашто е лекарка, го критикуваа неговиот потег.

Во Романија, со околу 18 милиони жители, од респираторната болест Covid-19 починаа досега 926 лица, а вкупно се заразени над 15.000 луѓе.