Ромео: Италија одлично се справува со состојбата со Ковид-19

Италијанската Влада одлично се справува со состојбата создадена со корона вирусот, максимално е транспарента и е во постојана комуникација со меѓународните партнери. Само 0,05 проценти од италијанската територија и 0,089 отсто од италијанското население подлежат на рестриктивни мерки, истакна италијанскиот амбасадор Карло Ромео во интервју за МИА.

Тој нагласи дека состојбата не е толку сериозна како што е опишано во некои медиуми, со оглед на тоа дека 80 отсто од заразените имаат само благи симптоми, 15 проценти закрепнуваат преку медицински третман и само пет отсто имаат посериозно симптоми, честопати како последица од претходно компромитирана здравствена состојба.

– Сведоци сме на загрижувачко ширење на неточни и алармантни вести за состојбата во нашата земја во врска со овој здравствен проблем. Таквите вести не ја отсликуваат реалноста, а тоа е дека сепак, сериозната појава на ширењето на вирусот е во значителна мерка ограничена само на некои зони во мал број региони, нагласи италијанскиот амбасадор.

Ромео изрази очекување дека мерките преземени од пријателските земји ќе се засноваат на рационалност и ќе произлезат од дијалог и од проценки засновани врз објективни и научни податоци.

МИА целото интервју со италијанскиот амбасадор Карло Ромео ќе го објави утре. (МИА)