Ромите излегуваат на протест и прашуваат: „Шуто Оризари – Заборавена општина-ДО КОГА?”

Системското игнорирање на општина Шуто Оризари од страна на Советот и раководството на Град Скопје не поминува незабележано од граѓаните.
Токму затоа граѓаните на Шуто Оризари подржани од Ромската заедница од сите Скопски општини на 12ти септември, денот на општина Шуто Оризари, во 19:00 часот заеднички пред град Скопје ќе го постават прашањето “Шуто Оризари – заборавена општина – ДО КОГА?”, стои во нивното соопштение.
1. До кога само граѓаните на Шуто Оризари ќе се корисници на недостојни автобуси, нередовни и нецелосни линии на јавниот превоз?
2. До кога граѓаните на Шуто Оризари ќе чекаат изградба на паркови и зелени површини?
3. До кога граѓаните ќе чекаат изградба на булевари и во општина Шуто Оризари?
4. Кога ќе се вработат Роми во администрацијата на град Скопје?

Очекуваме пораките, потребите и барањата кои ќе бидат пренесени пред Град Скопје да бидат сериозно слушнати и вметнати итно во градските политики кои ќе бидат преточени во реализирани проекти во општина Шуто Оризари и во сите скопски населби каде што живее Ромската заедница.
Протестот ќе започне во 18:00 часот со збирно место во паркот кај големата џамија во Шуто Оризари со крајна дестинација пред Град Скопје во 19:00 – 19:30 часот.
Ги повикуваме граѓаните, граѓанските здруженија, политичките субјекти, бизнис секторот и секој граѓанин кој е засегнат од прашањата кои се интерес на протестот, да ни се придружат.