Роналдо ги негира обвинувањата за силување, полицијата отвори истрага

Американската полиција потврди дека отворила истрага против португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо поради наводното силување на Американката Катрин Мајорга во 2009 година во еден хотел во Лас Вегас.

Американката во разговорот за германскиот неделник Der Spiegel го обвини еден од најдобрите фудбалери на денешницата дека на 13-ти јуни 2009 година ја силувал во неговиот апартман во Лас Вегас. Кристијано Роналдо следната година ѝ исплатил 375.000 долари за спогодбено молчење и не споменување на случајот во јавноста, но таа осум години подоцна решила да го обвини.

Германскиот неделник тврди дека поседува документи коишто ги потврдуваат исказите на денес 34-годишната жена, додека Портуалецот тврди дека сето тоа е лажна вест, неговите адвокати се закануваат со тужба, но полицијата во Лас Вегас го отворила случајот. Катрин Мајорга тужбата на 34 страници ја поднела во септември пред Окружниот суд на сојузната американска држава Невада.

„Случајот повторно е отворен во септември 2018 година. Оваа истрага е во тек и засега нема да бидат откривани нови детали за неа“, се наведува во кусата писмена изјава на полицијата во Лас Вегас.

Се оглласи и Роналдо кој тврди дека сите наводи се „лажни вести“. „Не, не, не. Она што го рекоа денеска се лажни вести. Тие сакаат да се промовираат користејќи го моето име. Тоа е нормално. Сакаат да бидат познати изговорувајќи го моето име, но тоа е дел од работата“, коментираше Португалецот на обвинувањето за силување во снимена порака.

Катрин Мајорга работела во 2009 година во еден ноќен клуб како хостеса. Роналдо ѝ пришол и ѝ понудил пијалак, и ја повикал на дружење во неговиот хотелски апартман. Подоцна таа и нејзините пријателки се нашле со Роналдо и неговите придружници, и сите отишле во апартманот на фудбалерот. Поголем дел од друштвото се забавувал во џакузи, додека Роналдо наводно „тргнал во акција“. Мајорга тврди дека на Роналдо јасно му дала до знаење дека не сака сексуален однос, но Роналдо наводно ја одвлекол во спаланата соба и анално ја силувал.

„Откако ме силуваше ми се извини. Клекна и рече дека тој е 99 отсто добро момче, но не знеа за овие 1 отсто“, изјавува Мајорга за Der Spiegel.

Американката уште во 2009 година поднела тужба, но притоа „попуштила под притисокот на ‘фиксерите’ на Роналдо“ и се согласила на вонсудска спогодба. На прашањето дали земала пари и молчела со години, Мајорга навела дека била „престрашена поради неговата слава и популарност“. Тврди и дека поради сето тоа заглавила во алкохолот, како и дека често помислувала на самоубиство.

„Претрпев емоционални и телесни повреди. Имам постравматско нарушување и голема депресија“, вели Американката додавајќи дека не скала нејзиното име да се влече по медиумите.

Роналдо наводно уште во 2009 година признал дека имал сексуален однос со оваа девојка, меѓутоа тврдел дека тоа било на основа на заемен договор и оти нмало силување.

„Рече дека не сака, но се покажа достапна. Ми велеше ‘Немој, не сум како другите’ и потоа се извинив“, рекол Роналдо пред неговите адвокати кои неговото „признание’ го проследиле до американските иследници.

Мајорга, којашто во меѓувреме дипломирала новинарство на Универзитетот Невада, открива дека ја инспирирало движењето #MeToo против сексуалното насилство. Во американската сојузна држава Невада нема застарување на делото силување, а доколку се покаже дека Португалецот ја силувал Американкта му се заканува доживотен затвор.

Дваесет и тригодишната Георгина Родригез, застана во одбрана на вереникот. „Пречките пред себе секогаш ги трансформираш во импулс и сила да покажеш колку си голем. Те сакам Кристијано“, порача манекенката.