Роналдо позитивен и на вториот ковид-тест

Ѕвездата на португалската фудбалска репрезентатција и на торински Јувенус, Кристијано Роналдо, бил позитивен и на вториот тест на новиот коронавирус, соопшти во четвртокот Sky Sport Italia.

Португалецот така може да го пропушти и следниот натпревар во Лигата на шампионите против Барселона, кој ќе се игра следната среда.

Роналдо првпат беше позитивен на тестот на 13-ти октомври, во текот на подготовките со репрезентацијата на Португалија.

Според протоколот на УЕФА, фудбалерот мора да биде негативен на тестирањето една седмица пред натпреварот, што нема да биде случај со Роналдо, бидејќи Јуве ќе игра против Барса во второто коло на Лигата на шампионите на 28-ми октомври.

Во секој случај, играчот ќе биде тестиран повторно во петок, на крајот од периодот за изолација по првиот позитивен тест. Доколку тој тест, спроведен десет дена по првиот позитивен, биде негативен, ќе може да ја заврши изолацијата.

Остатокот од екипата којашто во момент е во „балон“, исто така, ќе биде повторно тестиран во петокот. Доколку тестовите бидат негативни, изолацијата на тимот, исто така, ќе заврши, според италијанските медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.