Роналдо си заминува ако не избори пласман во ЛШ

Португалскиот напаѓач на Јувентус, Кристијано Роналдо, би можел да го напушти италијанскиот прволигаш ова лето, јавија денеска локалните медиуми.

Како што наведува „Калчомеркато“, Роналдо би можел да замине од Торино, доколку неговиот клуб не избори пласман во групната фаза во Лигата на шампиони (ЛШ) на крајот од сезоната во Серија А, а причините за евентуалното заминување би биле од финансиска природа.

Португалецот има годишна плата од 30 милиони евра, што е за дури 22 милиона повеќе од вториот најплатен фудбалер на Јувентус, Матијас де Лихт.

Јувентус на три кола до крајот на сезоната е петти на табелата во Серија А со бод помалку од четвртопласираниот Наполи и местото кое обезбедува групна фаза во ЛШ. Јувентус во последните три кола го пречекува новиот шампион Интер и гостува на Сасуоло и Болоња.