Роналдо стана сопственик на „Реал Ваљадолид“

Бразилската фудбалска легенда, Роналдо, стана сопственик на фудбалскиот клуб „Ваљадолид“ откако купи 51 отсто од акциите од шпанскиот второлигаш, потврдија од шпанскиот клуб.

Сакам во новата визија на нашиот клуб да учествуваат сите! Апелирам до навивачите да се вклучат во проектот. Дајте ни ги вашите идеи, мислења и критики, кажете ни на што се надеваме. Сакам вие фановите да бидете важен дел од сегашноста и иднината на „Реал Ваљадолид“. Со заедништвото кое тука го чувствувам, убеден сум дека ќе создадеме тим кој ќе биде навистина тешко да се победи, рече 42-годишниот Роналдо Луис Назарио де Лима, кој престана со активна игра во 2011 година откако играше за „Коринтијанс“.

Роналдо играше за седум клубови во богата кариера. Тој ја почна својата кариера во „Крузеиро“, а во Европа се пресели во „ПСВ“ каде за две сезони постигна 42 гола, потоа играше една година во „Барселона“, пет години во „Интер“ да во 2002 година стигна во „Реал“, каде што помина пет сезони и беше дел од легендарниот тим на „Галактикос“. Од Мадрид се пресели во „Милан“, а по една сезона во Серија А се врати во Бразил каде ја заврши кариерата.