Росица Колева говореше во седиштето на ОН за лицата со Даунов синдром

Претставник на Македонија имаше свое обраќање во седиштето на Обединетите нации во Њујорк по повод Светскиот ден на лицата со Даунов Синдром – пристап до здравствени услуги и информации за сексуално и репродуктивно здравје

Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува секоја година на 21-ви Март – симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

Трисомија 21 – Скопје, а со тоа и Македонија имаше свој претставник на третата по ред годишна конференција по повод „Светскиот ден на лицата со Даунов синдром“, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Темата оваа година беше „Здравје и добросостојба – пристап и еднаквост за сите“.

Конференцијата има за цел да помогне во остварување на правата на лицата Даунов синдром и други типови попреченост да уживаат највисоки здравствени стандарди без дискриминација, како што е пропишано со Член 25 од Конвенцијата за права на лица со попреченост (која Р.Македонија ја ратификуваше во декември 2011).

Росица Колева, активистка на Трисомија 21 – Скопје, чиј предлог-говор беше избран од Down Syndrome International – главниот организатор на конференцијата ја претстави Македонија пред очите на целиот свет. Таа како сестра на младо момче со Даунов синдром, но и како професионалцец (логопед/дефектолог) ја раскажа својата приказна пред мешународната заедница. Росица беше нашиот гласноговорник за проблемите со кои се соочуваат лицата со Даунов синдром од аспект на здравствената заштита.

На овој ден во домашни рамки, заедно со здружението на граѓани ХЕРА,како завршеток на неделата на сексуално репродуктивно здравје и права се одржа трибина со наслов: Светски ден на лицата со Даунов синдром “Пристап до здравствени услуги и информации за сексуално и репродуктивно здравје”.

Трисомија 21- Скопје е здружение за помош и поддршка на лица со Даунов синдром, чија основна цел е подобрување на квалитетот на живот на лицата со оваа состојба и нивно активно вклучување во сите општествени дејности.