„Роснефт“ ги проширува дејностите со изнајмување танкери

Најголемиот руски извозник на нафта „Роснефт“ ги проширил своите деловни активности со изнајмување танкери за да ги олесни испораките до купувачите на неговата нафта во очекување на заострувањето на санкциите од Западот, изјавиле за Reuters три упатени извора.

„Роснефт“ произведува повеќе од 40 отсто од руската нафта којашто досега ја продаваше во пристаниште на товарање, што значи дека купувачот самиот барал танкери и ги носел трошоците за транспортот и осигурувањето на пловидбата.

Ситуацијата сега е променета имајќи предвид дека колективниот Запад, предводен од САД, се подготвува да вовед дополнителни санкции за компаниите транспортери и осигурителните компании кои работат со руската нафта, доколку нејзината цена го надмине одредениот лимит. Сѐ уште не се знае колкава би била горната граница на цената на руската нафта, но според американските функционери таа треба да биде доволно голема за да ја стимулира Русија да не го запре производството што ќе предизвика силен потрес на глобалните пазари, но да ја оневозможи да ја финансира војната во Украина.

Поради најавите на овие нови санкции, купувачите на нафтата од „Роснефт“ сега од компанијата бараат да се погрижи и за испораките до крајната дестинација и да ги преземе трошоците за осигурувањето и транспортот, рекле за Reuters три „добро информирани“ извори.

Многу клиенти на „Роснефт“ немаат посебни оддели за трговија кои се занимаваат со дејности како што се испораките, а понудата на услугата за транспорт од руската компанија ќе им помогне на купувачите надвор од областите под санкции да ги избегнат доцнењата, појаснуваат трговцте.

 

Нов правец

Откако западните земји ги воведоа санкциите, Русија започна со зголемен извоз на нафтата во Азија, Африја и Јужна Америка. Покрај тоа, забележано е дека и големите производители на нафта како САД и Саудиска Арабија во големи количества ја купуваат руската нафта а потоа ја препродаваат.

Така од јануари до септември со бродовите во Азија се испорачани шест пати повеќе руска нафта отколку во истиот период минатата 2021 година, покажуваат податоците од платформата за следење на пловидбите Refinitiv Eikon и пресметките на агенцијата Reuters.

Индија, пак, во првите осум месеци од годинава увезла 13 пати повеќе руска нафта отколку во истиот лански период, според пресметките на Reuters, базирани на податоците од Refinitiv Eikon, а Русија во периодот од мај до јули станала и најголемиот добавувал на сирова нафта за Кина.

Значителни количества нафта и нафтени деривати сѐ уште пристигнуваат од Русија во Европската унија. Меѓутоа, Москва ќе мора од декември да пренасочи четвртина од вкупниот извоз на нафтата во Европа, кога на сила ќе стапи ембаргото што го наметна Брисел.

 

Нови дејности за „Роснефтфлот“, но скромна флота

За покривањето на трошоците за доставувањето до купувачите „Роснефт“ ја користи својата фирма ќерка „Роснефтфлот“, којашто досега главно се занимаваше до дејности како теглење, полнење на бродовите со гориво и инспекција.

Портпаролката на „Роснефт“ изјавила дека компанијата „има доволно искуство и е подготвена да најде ефикасни опции за транспорт на својот товар во сите, дури и во многу турбулентни пазарни услови“. Додала и дека „користењето на ‘Роснефтлфот“, кој главно се занимава со пристанишни услуги, нема да биде потребно во сите случаи“, алудирајќи дека таквите услуги може да ги пружи и самиот „Роснефт“.

Руската компанија својот прв брод „Suezmax“, со носивост од 140.000 тони, го изнајми во јуни годинава, за испораки на руската нафта од марката „Urals“ од Црното Море во Индија, покажуваа податоците од следењето на бродовите на Refinitiv Eikon.

Обемот на транспортираната нафта од тогаш постојано се зголемувал и од почетокот на октомври „Роснефт“ изнајмил капацитети за транспорт од околу милиони тони, главно преку „Роснефтфлот“, според податоците од трговски извори. А тоа претставува речиси 40 отсто од 2,5 милиони тони колку што руската компанија планирала да извезе во октомври, според истите извори.

„Роснефтфлот“ има само пет танкери, вклучително и два од класата „Aframax“, според неговата официјална интернет страница, неколку бродови изнајмил на отворениот пазар, а често ги користи танкерите на државната бродска компанија „Совкомфлот“, според трите извора на Reuters.

Другите танкери коишто ги изнајмил минатиот месец ја испорачувале руската нафта во Индија, Турција, Шпанија, Италија, Грција и Куба, според изворите кои се совпаѓаат со податоците на Refinitiv Eikon.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.