Рот: Ако се тргне настрана проблемот со името, Македонија не е ништо полоша од останатите кандидати за влез во ЕУ

Ако се исклучи проблемот со името на Македонија, таа не е воопшто во полоша состојба од останатите кандидати за влез во Европската Унија, истакна на дебатата на тема “ Поглед наназад-Поглед нанапред-Обединување на Европа”, државниот секретар на германското МНР, Михаел Рот.

“Македонија не е во ништо полоша состојба од останатите кандидати-членки од Западен Балкан со кои веќе имаме започнато пристапни преговори за членство во Унијата.Доколку на 1-ви јули се започнат преговори и со Албанија, целосно ќе го разбереме вашето незадоволство. Надвор од регионот проблемот со името се гледа како апсурден. Претседателствувањето на Атина со Унијата беше можност, Грција на широко да ја објаснува својата позиција околу проблемот. Потребно е во текот на следното италијанско претседателствување да се дадат конкретни предлози за решавање на спорот”, изјави Рот.

Македониската амбасадорка во Германија, Корнелија Утевска Глигоровска, која учествуваше на дебатата ги искажа своите очекувања, по петте позитивни препораки, Македонија да ги започне преговорите за членство во Унијата.

“Европа треба да се придржува на ветеното, а кандидатите за членство нема да имаат политички „попусти“. Од 2005 година Македонија е земја кандидат, а од 2009 година Комисијата дава предлози за почеток на пристапните преговори. Сите предуслови се исполнети. Блокирањето од страна на Грција е единствената пречка за стартот на пристапните преговори. Се останато на што се упатени забелешките се работи, кои во текот на преговорите може да се променат, подобрат. И додека не се заклучат преговорите, додека целосно не се исполнат предусловите, секогаш процесотби можел да биде пролонгиран или дополнет со нови задачи кои ќе мора да се исполнат”, рече Утевска-Глигоровска

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.